Македонските граѓани навалија на вакцинација во Србија

На продолжен викенд во Грција, на вакцина во Србија – македонските граѓани ги блокираа двата гранични премини. На Табановце повторно километарски колони бидејќи македонците во неможност да добијат анти ковид вакцина во земјава, спас бараат на српските вакцинални пунктови. Повеќе од три недели, откако српските власти дозволија македонците бесплатно и без термин да се вакцинираат во Србија, стотици македонски државјани секојдневно чекаат во ред пред вакциналните пунктови кај северниот сосед. Неофицијално, таму до сега биле вакцинирани околу 30.000 македонски државјани.

Т.н. масовна имунизација во Македонија, со која се пофали Владата, почна во мај со испораката на 200.000 дози на кинеската вакцина Синофарм, кога беа отворени 8 големи вакцинални пунктови. Но, откако се потршија 100.000 дози наменети за прва вакцина, веќе неколку недели на вакциналните пунктови се врши само ревалцинација, а прва доза од вакцините во просек примаат по едвај 2000 до 3000 граѓани дневно.

Министерот за здравство Венко Филипче пред 20-тина дена најави дека нарачаните 500.000 дози од кинеската вакцина Синовак ќе биле испиорачани првата недела од јуни.

„100.000 дози на Фазјер треба да стигнат во месец јуни, се уште не се знае точниот датум, за руските вакцини не знаеме кога точно ќе стигнат. Вчера добив потврда од кинеската амбасада дека вакцините на Синовак ќе бидат испорачани за седум дена“, рече министерот за здравство, Венко Филипче на 4 јуни.

Но, месецот речиси помина, а Македонија не доби ниту една од поголемите нарачки на кои се надеваше. Во МЗ и денеска немаа одговор кога ќе бидат испорачани 200.000 вакцини на Спутник кои требаше да дојдат од крајот на мај. Надлежните упорно тврдат дека задоцнетата испорака не е поврзана со протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, но сепак немаат одговор зошто се уште ја нема нарачаната пратка на анти ковид вакцините од Москва.

За сега имунизацијата во Македонија, во најголем дел тече со вакцини кои замјава ги добива преку донации. Така Турција минатата недела донираше 30.000 дози „Синовак“, а Грција ни подари 20.000 вакцини од „Астра зенека“. Испораката на фајзеровите вакцини која се врши секој понеделник, делумно е преку дирекна нарачка од производителот, а дел повторно е донација преку Солидарниот фонд на ЕУ.

И Бугарија најави дека ќе подари 50.000 вакцини на „Астра зенека“. Оваа количина минатата недела требаше да ја земе лично македонскиот државен врв, ни тоа до сега не се случи.
Над 2000 македонски државјани, претежно од истокот, анти ковид вакцина примија на двата гранични премини со Бугарија, кај Делчево и Струмица. Овие вакцини беа донација од приватна клиника од Софија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста