Македонската рурална жена е неограничен капацитет, ама се’ уште е во подредена, па дури и дискриминирана положба

Македонската рурална жена е неограничен капацитет, ама се’ уште е во подредена, па дури и дискриминирана положба

Македонската рурална жена и покрај неограничениот капацитет во поглед на своите вештини и можности, и во 21-от век се’ уште го нема местото кое го заслужува и што природно и’ припаѓа во општеството. Таа и понатаму се наоѓа во подредена, па дури и во дискриминирана положба, без еднаков пристап до своите права како и другите жени од другите дејности, особено во однос на платеното породилно отсуство и на боледувањата, сметаат од Здружението за рурален развој, ЛАГ Агро Лидер.

  „Моментално постои Програма, меѓутоа тоа не е решение, сепак ни треба системско и законодовно решение за овие жени да не се чувствуваат дискриминирани и да ги имаат истите права како работничките во другите дејности, – вели Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.

  Безмалку истиот став го делат и самите рурални жени кои сметаат дека и понатаму се оставени на маргините од општеството и покрај тоа што токму тие се оние кои се и своевидните столбови во руралните домаќинства.

 „Мислам дека (руралнта жена) допрва треба да дојде до израз, а особено за тоа треба да помогне и државата, но и локалната заедница. Кога велам локалната заедница, мислам на општините, бидејќи треба да им се дозволи повеќе простор за да можат да ги искажат своите таленти и своите можности“, – констатира Гордана Цветаноска, земјоделка.

 „Ако се потрудиме да го оживееме и на било кој начин осовремениме земјоделието, тогаш ќе имаме и убави села, ама и убави градови. Сега имаме онака некако полунапуштени и села и градови и ни е во опаѓање целото производство на храната која што треба да ја имаме и почнуваме да станавуме увозно-зависна земја за храна“, – кажа Гоце Младеновски, земјоделец од Радовиш.

 „Сега имаме доволно производство, меѓутоа пласманот треба да биде со повеќе вакви пазари, базари, малку повеќе промоција на жената од рурална средина, на жената од урбана средина која што сака да се занимава со сопствено производство“, – истакна Цеца Видова-Трајческа, земјоделка.

 „Пред се да се оди на планирано производство. Откупните центри се како лотарија. Сега со климатскиве промени, значи ние одиме на или-или, а вложуваме многу труд. Трудот на земјоделецот не е ценет, за жал“ – рече Елизабета Улиманова, земјоделка.

 Во пресрет на 15-ти Октомври, Меѓународниот ден на руралната жена, ЛАГ Агро-лидер, во Прилеп традиционално го организраше Саемот на земјоделски производи на кој беше промовирана улогата на жените од руралните средини во зачувувањето на традицијата, обезбедувањето на добра храна за сите нас, како и во градењето на одржливи рурални заедници.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста