Македонската граница останува затворена, Србија ја крена рампата за Македонија, но бадијала

Македонската граница останува затворена за странски државјани. Иако Србија од денеска ги отвори границите со соседите меѓу кои и Македонија, таквиот пример не го следи нашата земја кон Србија и останатите соседи. Алфа беше на граничниот премин „Табановце“ каде освен службени возила и шлепери, немаше големи колони на границата.

Се уште е нејасно кога Македонија ќе ги отвори границите, иако Србија и Црна Гора веќе ги отворија границите.

Иако Србија ја крена рампата за излез од таму, македонски државјани кои решија да се вратат дома останаа заглавени меѓу двете граници. Револтирани, во очекување да дојде некој да ги тестира, или пак да ги испрати во карантин, велат дека цела ноќ преспале тука.

Дел од транспортерите кои превезуваа стоки кон соседна Србија, пред камерата на Алфа велат дека работата течела добро, со почитување на мерките на заштита.

Земјите од соседството полека влегуваат во нормала. И Црна Гора реши да ги отвори границите, но не и за Македонците, иако првичните најави беа поинакви. Црногорската влада веќе објави дека забранува влез на граѓани од држави каде има над 25 заразени со Корона на 100.000 жители. Со бројките кои Македонија ги бележи на заразени, не го задоволуваме критериумот на Црногорските власти. Влез на македонски туристи барем за сега нема да дозволи ниту Хрватска, иако и таа ги отвори границите.

Косово е единствената земја од соседството која ја отвори границата кон Македонија, но под одредени услови. Сите кои поминуваат на граничниот премин „Генерал Јанковиќ“ (Блаце), треба да се негативни на Ковид-19 тестот (не постар од четири дена) без процедурата на самоизолација. Граничниот премин Евзони кон Грција, пак, најверојатно ќе се отвори на 15 јуни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста