Македонска студентска мизерија

Македонска студентска мизерија

Будење во полузагреана соба, туширање со речиси ладна вода, скромен појадок во менза и чекање автобус и до 30 минути. Вака почнува еден обичен ден на македонските студенти кои доаѓаат од внатрешноста.

Животот на академските граѓани стана беден и недостоинствен, велат студентите кои до нас доставија снимки од внатрешноста на студентските домови, каде нам ни беше забрането снимање.

На дел од фотографиите може да се видат и глувци, како и мувлосана храна од мензите. Освен мизерните услови во домовите, проблем е и храна во мензите. Дел од студентите велат дека мора и да готват во собите зашто, она што го добиваат не е доволно.

Јас му го давам моето бројче на еден другар, за да јаде два оброци. Јас си готвам. Тоа е доволно за девојче.

Со надоместокот за студентски оброк од 140 денари не може да се купи ни еден тост, а не пак да се јаде нешто здраво и квалитетно.

Освен условите во домовите и проблемите со храната и превозот, студентите се соочуваат и со корупција – велат на која врата и да тропнат, им требаат врски за да ги остварат своите права.

Студентите велат дека се крајно разочарани – додека функционерите си ги зголемија платите за 78%, за нив остануваат трошки. Прашуваат дали властодршците навикнати на удобните кожни фотелји би издражале и поволина ден во студентски дом.

Ако државата не се грижи за своите студенти, не се грижи за својата иднина, велат академските граѓани кои сепак се надеваат дека неостварените ветувања од оваа Влада можеби ќе ги оствари некоја наредна.

Никола Цветковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста