Македонка направи документарец во Америка што го обиколува светот

Катерина Дејкоска која петнаесеттина години живееше и работеше во САД, во “Емерсон колеџот” во Бостон магистираше и докторираше на продукција и режија. Сега во време на короната, живее во Битола кај нејзините родители. Меѓутоа, нејзиниот документарен филм “Совладување” кој и беше докторски проект, посветен на трауматските мозочни  повреди, го привлече вниманието на најголемите рехабилитациски центри во Америка, на најреферентните асоцијации од оваа област, па и на Харвард универзитетот, а исто така и во Канада и Австралија.

“Целта на документарниот филм “Совладување” е да се развие свесност за трауматска мозочна повреда која што може да се случи секому и во секое време. Покрај документарецот се и 31 кратко видео кои што заедно се преведени на француски, германски, шпански,полски и се разбира на македонски јазик” – рече Д-р Катерина Дејкоска.

Фитбекот од овој филм чија што поента е опстој на надежта кај луѓето и воопшто од самиот проект е огромен, вели Дејкоска.

-Многу се импресионирани од информациите што им ги дава документарниот и од надежта што им ја влева и е основна цел на филмот, затоа што не е само наменет за оние со трауматска мозочна повреда, но е наменет и за сите оние што се посочуваат со некакви потешкотии и проблеми- рече Д-р Дејкоска.

За жал, “Совладување” се уште нема видено бел ден во Македонија, иако беше понуден на Интернационалниот фестивал на филмската камера “Браќа Манаки” и на Министерството за здравство. Д-р Дејкоска се надева дека во време на корона, психички набои и депресии,  пациентите  кај нас ќе имаат можност да го гледаат овој филм за поткрепа и надеж, а ние би рекле со лујарагоновски јазик, дека особено сега ни е потребен како лебот.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста