Македонија влегува во четвртиот бран од епидемијата, новите мерки ќе се насочат кон невакцинираните

Рестриктивни мерки, но само за невакцинираните – со вакви изјави надлежниот министер ги предупредува граѓаните кои не ја примиле анти ковид вакцината дека власта би можела да им го ограничи движењето ако состојбата со корона вирусот излезе од контрола. Од Министерството за здравство не ја отфрлаат можноста и за влез во кафуле или во трговски центар од есен да се бара потврда за имунизација.

„Мора сите да се вакцинираме за да се врати нормалното функционирање на сите животни процеси, на економските субјекти, угостителските објекти, на местата за масовни собири. Граѓаните треба да знаат дека токму на такви места може да им биде побаран сертификат за имунизација или негативен ПЦР тест“, велат од МЗ.

Докторите пак на поинаков став, сметаат дека ограничувањето на движењето за невакцинираните граѓани, може да предизвика контраефект.

Четвртиот ковид бран, кој според најавите се очекуваше на есен пламна во Македонија, но надлежните и натаму се на став дека состојбата со вирусот е под контрола. За сега е неизвесно дали во новата учебна година учениците ќе се вратат во училишните клупи. Министерот за здравство најави дека ако состојбата со вирусорт остане мирна, наставата ќе почне со физичко присуство. Сепак, епидемиолозите од Комисијата за заразни болести ќе мора да ги подготват протоколите за работа на училиштата. Како ќе се одвива наставата, за сега нема одговор.

Во меѓувреме, западно европските земји воведуваат рестрикции за граѓаните кои се уште не се имунизирани против корона вирусот. Така на пример во Грција, посетата на гастрономски и културни установи е резервирана само за вакцинираните, а земјата воведе и задолжителна вакцинација за сите медицинските сестри. Во Италија пак секој кој сака да оди во теретана, базен, музеј или во ресторан, мора да биде вакциниран.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста