Македонија светлосни години зад регионот: Секаде се гради, кај нас само се ветува

Нова брза пруга и автопати во Србија, нови автопати и во Албанија и Косово, во Турција отворен најдолгиот висечки мост во светот, кај нас пак изградени се две нови патарини. Регионот светлосни години пред Македонија. Додека во државава се останува само на неисполнети ветувања, другите секојдневно се фалат со остварените капитални проекти. Најблизок пример кој можеме да го видиме е Србија, каде пред два дена официјално во употреба беше пуштена брзата пруга од Белград до Нови Сад, каде возовите ќе се движат со брзина до 200 километри на час.

-Денеска е голем ден за Србија. Ми се чини дека никој во овој воз не може да ги сокрие емоциите, голем ден за нашите граѓани. Успеавме да ги поврземе двата наши најголеми градови. Успеавме Србија да ја поставиме високо на скалата на најнапредните и најмодерните земји со ваква железница, со вакви возови. И тоа е успех кои го постигнаа граѓаните на Србија и затоа за нас е најважно од било кога, изјави Вучиќ.

Во однос на Македонија, во Србија состојбата е многу подобра и кога се во прашање автопатиштата. Доколку тргнеме од нашата земја кон Унгарија или Хрватска, цела Србија ќе ја минеме по автопат.

Пред неколку месеци српскиот претседател Александар Вучиќ се пофали дека откако неговата партија е на власт, биле изградени повеќе 350 километри автопати, во моментов дека се граделе уште 370, а во фаза на припрема биле и дополнителни 300.

Многу подобри од нас во овој сегмент е и Косово, каде се изградени автопатите Арбен Џафери и Ибрахим Ругова, едниот од Приштина до границата со Македонија, другиот од главниот град на оваа држава до границата со Албанија.

На крајот на ноември минатата година со зурли и тапани и Албанија отвори нов автопат, кој го доби името патот на Арбр, а ја поврзува Тирана со Македонија, до границата кај Дебар.

Гради и власта во Македонија, изгради две патарини на автопатот Миладиновци- Штип, со кои граѓаните само за патарини плаќаат 160 денари за 75 километри возење. Слично како во Албанија, и во Македонија имаше зурли и тапани за отворање на автопат, кој исто така актуелната власт го наследи изграден од претходната.

Власта на СДСМ во својата програма во 2016-та година вети дека во Македонија ќе биле изградени 600 километри автопатишта, но и по пет години власт засега не видовме ниту еден нов километар.

Матеја Петровски

Advertisements