Македонија со најцрна статистика во справувањето со корона вирусот

Недостасува 1 новозаболен за да се достигне фамозниот пик на Ковид-19 од две илјади болни што првично го најави министерот за здравство Венко Филипче. Со 21 нов случај во изминатите 24 часа, бројката стигна до 1.999 заболени. Министерот потоа ги спушти очекувањата дека во самиот врв на болеста во земјава ќе има 1.700 болни од корона, бројка што се надмина на 14-ти мај.

Во земјава во последниве 24 часа нема починати. Од новозаболените, 12 се во Скопје, 5 во Тетово, 3 во Куманово и 1 во Штип. Биле направени само 258 тестови или речиси двојно помалку од вчера или три пати помалку од петокот кога беа направени над 700 тестирања.

Оздравеле 17 пациенти. Со ова, бројот на оздравени пациенти е 1439, на вкупно починати 113, додека бројот на активни случаи е 447.

И додека Црна Гора се прогласи за прва европска држава која го победила корона вирусот, а во Словенија нема новозаболени 4 дена по ред, Македонија руши неславни рекорди. Земјава и натаму е лидер во региoнот по црните бројки на ново заразени и починати.

Светската статистика покажува дека во последните 5 дена во Македонија се регистрирани 70 нови заразени на 1 милион жители. Во Србија има 49, во Бугарија 24, во Албанија 17, а во Грција и Хрватска по 4 нови заразени на 1 милион жители во последните 5 дена.

Македонија има 54 мртви на 1 милион жители, најмногу во регионот. Србија има двојно помалку, а Хрватска има 24 мртви на 1 милион жители. Најмалку починати или 11 на 1 милион жители има во Албанија.

Србија бележи најголем број активни случаи на 1 милион жители – 582. Македонија има 224 активни случаи на 1 милион жители. Бугарија има 211, а Хрватска само 29 активни случаи на 1 милион жители.

Србија има 1.277 вкупно заразени на 1 милион жители, но Македонија, со двојно помалку тестирања, има 959 вкупно заразени на 1 милион жители. Сите регионални држави се подобри од нас, а најдобро стои Грција со вкупно 276 заразени на 1 милион жители.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста