Македонија со корона вирусот ќе се бори како и со загадувањето – ќе моли бога да не заобиколи

Додека корона вирусот полека се сели на европскиот континент, Македонија се уште ги чека реагенсите, но сега се јавува и основен проблем – “Не дај Боже” да се појави вирусот затоа што здравствените работници ќе немаат маски, ракавици, очила, заштитни мантили. Од комисијата за заразни болести се жалат, дека земјава нема доволно резерви на основна заштитна опрема во случај на појава на вирусот.

„Државата е подготвена за корона вирусот, но количините на заштитна опрема се недоволни. Во процедура е постапка за дополнителна набавка на маски, ракавици, очила, заштитни мантили, се што треба, – изјави Гордана Кузмановска,член на Институт за јавно здравје.

Во меѓувреме, превентивните мерки против корона вирусот се зголемуваат. Освен патниците од Истанбул и Дубаи, со термална камера на скопскиот аеродром ќе се скенираат и патниците кои доаѓаат од Доха.

“Случај на корона вирус може да има во кој било дел на светот и дека е можно во секој момент да влезе и да се увезе од таму. Бидејќи сите комуницираме директно или индиректно со Кина, треба да очекуваме да се појави каде било.” изјави Кузмановска.

За македонската државјанка која беше евакуирана од Вухан, од комисијата велат дека се уште не била во земјава, и дека властите во Франција одлучиле заедно со другите кои беа евакуирани да ги чуваат под здравствен надзор.

Инаку, бројот на починати од корона надмина 360, а вирусот ја зеде првата жртва надвор од Кина, регистрирана на Филипините. Заразени се над 17 илјади луѓе во 23 земји, а глобалната психоза веќе отвори и вербална војна. Во меѓувреме, продолжува трката за пронаоѓање на вакцина.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста