Македонија се враќа на црната листа на ЕУ поради Ковид пандемијата?!

Лошата епидемиолошка состојба во земјава со корона вирусот повторно донесе нови ограничувања за оние кои сакаат да патуваат во европските земји. Растот на бројот на заразени и починати од корона вирус веројатно ја натера Европската унија да ја отстрани Македонија од листата на безбедни земји. Македонците кои сакаат да ги посетат земјите членки на ЕУ а се невакцинирани ќе мора да одат во карантин откако ќе влезат во некоја од земјите, а колку дена ќе трае карантинот зависи од рестрикциите кои се на сила во тие земји. Како што пренесуваат европските медиуми, не се исклучува можноста, во одредени земји да биде потребен и ПЦР тест за вакцинираните. Сепак, одлуката ќе се официјализира утре, доколку ни една од земјите членки не се спротивстави.
Меѓу земјите за кои ќе се вратат ограничувањата се и САД, Косово, Израел, Црна Гора и Либан.
Дали граѓаните на некоја земја ќе можат туристички да патуваат во ЕУ зависи од актуелната епидемиолошка состојба но и тоа како властите се справуваат со корона вирусот. Кога се во прашање пак Соединетите американски држави, блокадите зависат и од реципроцитетот, бидејќи жителите на ЕУ се уште не можат да патуваат на другата страна на Атлантикот.
Инаку, Македонија заедно со Србија и Албанија, кон крајот на јуни ЕУ ја стави на листата на безбедни земји за корона вирус, и можеше слободно да се патува. Но како се менуваше епидемиолошката состојба, така се сменија и ставовите на Унијата во однос на Македонија.
ЕУ секои две недели расправа за епидемиолошката состојба во земјите ширум светот, и согласно тоа се ажурира листата со оние држави за кои се смета дека се безбедни за нивните жители да патуваат во ЕУ.
За да се добие статус на безбедна држава, мора да се евидентираат максимум 75 позитивни случаи на корона вирус на 100.000 жители во последните 14 дена во земјата, што за Македонија не е случај периодов.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста