Македонија се уште ги конкретизира деталите за набавка на вакцини – Србија прва во Европа по број на вакцинирани

Македонија, Косово, Црна Гора и БиХ останаа единствените земји во Европа каде вакцинацијата против ковид 19 се уште не е почната. Надлежните за набавка на вакцините зборуваа уште во Октомври, но четири месеци подоцна во Македонија не е влезена ниту една доза. Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена рече дека се конкретизираат деталите со американскиот производител „Фајзер“, од каде првично беше најавено дека ќе стигнат околу 5.800 дози, но и со кинескиот „Синофарм“ од каде треба да стигнат 200.000 вакцини. Сепак, надлежните се оптимисти дека имунизацијата ќе стартува кон средината на овој месец.

„Во месец февруари нема да има масовни вакцинации туку прецизно организиран процес на вакцинација, односно ќе ја спроведеме првата фаза од Националната стратегија за ковид имунизација“, велат од Министерството за здравство.

Конкретен договор за набавка на 833.000 дози земјава има само со Ковакс механизмот. Но, овој систем се сочува со најголем предизвик да ги обезбеди потребните дози за рамномерна дистрибуција, па се поизвесно е дека вакцините преку Ковакс нема да стигнат навреме.

Од друга страна, доктори се сомневаат дека земјава има технички и логистички капацитети за да спроведе успешна имунизација.

„Во другите земји имаат вакцини од различни производители. Граѓаните можат да одлучат која и каква вакцина сакаат. Она што крева дилеми, познавајќи го нашиот здравствен систем, Фајзеровата бара многу ниски температури, еве ги имаме тие фрижидери, меѓутоа ги имаме тука централно во градов. Како понатаму ќе се постапува? а знаејќи дека кај нас често се случува да имаме проблем затоа што штекер некој не работи, а не па некоја пософистицирана опрема, како тој ланец ќе се запази?“, прашува доктор Ленче Нелоска, магистер по јавно здравје.

Здравствените власти се уште ги чекаат и ветените 8.000 вакцини од Србија, кои ни беа понудени пред две недели. Првично проблем беше домашната законска регулатива, но откако се одлучија дека вакцините во земјава ќе влезат преку интервентен узов, сега надлежните се правдаат дека властите во Србија чекале дозвола од производителот „Фајзер“.

Инаку, Србија е прва во Европа по бројот на вакцинирани граѓани. Таму над 6 отсто од населението примило барем една доза од анти ковид вакцината.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста