Македонија се истрча – без датум половина Преспански Договор не треба да важи

„Северни“ институции, свидетелства, дипломи, изводи и други документи. Наскоро и „северни“ денари и „северни“ униформи за кои тендерите се веќе распишани. Македонија се истрча и спроведе речиси се и тоа пред време иако Преспанскиот Договор предвидува преоден период за внатрешна употреба на новото уставно име.

„Издавањето на ваквите документи и материјали… ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“ стои во Член 1 Став 10 од Преспанскиот Договор.
Ова буквално значи дека свидетелствата и дипломите требаше да станат „северни“ најдоцна 5 години по отворањето на поглавјето 26 кое се однесува на образованието и културата но тие се веќе сменети.

Денарите треба да ја добијат придавката по отворањето на поглавјето 17 кое ја опфаќа економската и монетарната политика, но Народната Банка веќе склучи договор за печатење нови 10 и 500 денарки со новото име.

Над 130 институции добија налог да станат национални или северни наместо македонски иако и тие имаа простор да се преименуваат подоцна, барем за внатрешна употреба.

Нашите власти буквално го претекнаа Преспанскиот Договор и одредбите што ги наметнува. Таму никаде не е наложено дека во неформална комуникација не смее да се користи терминот Македонија, но политичарите на власт буквално во секоја прилика дури и неофицијална, ја потенцираат придавката Северна.

Прославата за 8 Септември беше под мотото „Боите на независноста“, за 2 Август под мотото „Сите сме деца на Илинден“, за 11 Октомври немаше никаков слоган освен „Ден на народното востание“. Во овие прилики во промотивните материјали воопшто не беше спомнат терминот „Македонија“ а функционерите во своите говори потенцираа дека илинденците и партизаните се бореле за независна, суверена и самостојна Република Северна Македонија иако договорот не предвидува ретроактивна примена.

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Вака гласеше референдумското прашање, но засега нема ништо ниту од ЕУ ниту од НАТО, но ни од Република Македонија.

Никола Крстиќ