Македонија се гуши, власта дава субвенции за инвертери од следната година

Македонија се гуши, власта доцни со постапката за доделување на инвертерите кои граѓаните ги чекаат веќе два месеца. Премиерот верува дека веќе од јануари ваучерите ќе стигнеле во рацете на корисниците. Тој е свесен дека постапката малку доцни, бидејќи работите оделе согласно законот за јавни набавки.

– Верувам дека општините успешно ќе ја водат активноста, а ние ќе се обидеме преку јавниот сервис да им ги објасниме погодностите на граѓаните, рече Заев.

Тој рече дека активноста ќе се реализира во континуитет.

– Во јануари граѓаните ќе ги добијат ваучерите и граѓаните ќе можат да ги инсталираат грејните тела и потоа да го одложат старото грејно тело, рече Заев.

Инвертерите нема да ги намалат последиците од лошата состојба со загаденоста. Според познавачите на состојбите, тоа е само козметичка мерка, која само по себе е недоволна.

Заменик министерот за екологија упати апел до општините да преземаат дел од одговорноста, бидејќи, тие биле на потег да учествуваат во замената на нееколошките извори на затоплување.

– Јас секојдневно сум загрижен, бидејќи сите го дишеме истиот воздух. Но, очигледно е дека деновите кои ги надминуваат граничнните вредности се намалуваат, но дали доволно се намалени. Тоа е трендот со којшто мораме да продолжиме. Доколку одеднаш би имале моќ да ги промениме сите печки на мазут би било идеално, но за тоа се потребни време и средства. Но, тој е патот по којшто мораме да одиме и затоа сум упорен во убедувањето на сите чинители. Тоа е заедничка борба во која секој придонесува и со личен пример, но се разбира Владата треба да даде пример. Затоа се решивме за субвенционирање на инвентори за да им помогнеме на семејставата кои немаат средства, бидејќи и граѓаните не сакаат да загадуваат, но немаат средства, рече Макрадули.

Владината мерка предвидува 10.000 семејства да добијат по 1.000 евра за да купат инвертер. Предвидено е 5.200 да се доделат во Скопје, по 2.500 во Тетово и Битола, како и 800 во Кичево.

Во меѓу време, од граѓанските организации најавуваат протести во текот на неделава и ги повикуваат граѓаните да излезат на улица и да се изборат за почиста средина, зашто институциите речиси и да не прават ништо.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста