Македонија се гуши – црвената граница е надмината, отровниот воздух ги труе граѓаните

Цела Македонија буквално се гуши, а надлежните мува не ги лаза. Воздухот што го дишеме во речиси сите градови иако е ужасно загаден, тоа за градските власти не било повод да се активирале мерките против загаденоста. Густата магла направи проблем и на скопскиот аеродром каде беа откажани неколку летови.

Паралелно, утрово скопјани се разбудија во екстремно загаден воздух и на улиците освен густиот смок, не може да се види ништо друго, само прст пред око. Главниот град повторно се најде на неславната листа на глобалната апликација „Ер Вижуал“, па така синоќа Скопје беше меѓу трите најзагадени градови во Европа.

Граѓаните пред камерата на Алфа се пожалија дека тешко дишат. Реагираат дека надлежните не правеле ништо конкретно на долг рок, па морале дури и сами да купуваат маски кои не биле баш евтини.

И додека Македонија го достигнува врвот меѓу првите најзагадени градови во светот, градските власти велат дека ќе биде подобро, но кога, не кажаа. Досега нема вредности на аерозагадување за да се активираат мерките, рече Петре Шилегов. Тој посочи дека се уште се во почетна фаза на имплементација на мерките, кои ќе дале резултати.

– Какви било мерки за загадување ги активира координативното тело на ниво на Влада. Досега немаме вредности на загадувањето кои се како задолжителни за активирање на таквиот тип мерки, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, и додаде дека годинава за наша среќа имаме најдобри резултати, во смисла на најмал број на загадени денови.

Мерните станици отидоа до плафон, а ПМ10 честичките беа неколку пати над дозволеното. Според објавите на социјалните мрежи, само во Ново Лисиче загадувањето било најголемо со 1.066 микрограми ПМ10 честички на метар кубен.

Од Скопје, према Тетово, Гостивар, Кичево, па и Битола и Штип, речиси секаде сликата е застрашувачка, особено кога температурата опаѓа. Па така потешкотии имаше и во авиосообраќајот.

– Поради густата магла и намалената видливост во текот на ноќта 4 летови до и од Меѓународниот Аеродром Скопје беа откажани (Виена, Белград, Загреб и Истанбул). Од 10 часот и 30 минути утрово, временската состојба е стабилизирана и авиосообраќајот се одвива според редовниот распоред на летање, велат од „ТАВ“ за Алфа.

Во меѓу време, од граѓанските организации најавуваат протести во текот на неделава, и ги повикуваат граѓаните да излезат на улица и да се изборат за почиста средина, зашто институциите речиси и да не прават ништо.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста