Македонија се дави во корупција – експертите критикуваат дека сме заробена држава

Заробена држава во која неколку центри на политиката ги држат сите институции – корупцијата во државава е ендемска појава – предупредуваат експертите. Луѓето и понатаму даваат поткуп а борбата е неефикасна и не покажува резултати.

Според претседателката на Транспаренси интернешнал и поранешен антикорупционер Слаѓана Тасева, причината за високата корупција е неефикасноста и непостапувањето на интитуциите за прогон. Ако погледнеме во судските случаи, има многу малку случаи на корупција, а уште помалку пресудени со изречени ефективни казни.

Додека антикорупционерите постојано реагираат, институциите си тераат по свое и дури потоа чекаат судот да го реши проблемот.

Имаме сериозен проблем со корупцијата, ако сакаме да тргне процесот за евроинтеграција, треба да инсистираме на владеење на правото и инсистирање на законот во секоја сфера, област, на секое ниво, без да чекаме на судовите, затоа што тоа ќе значи задоцнување со правдата а ние имаме и сериозен проблем со интегритетот на судовите – вели за Алфа претседателката на Transparency International Слаѓана Тасева.

Судир на интереси, злоупотреба на функциите и непотизам – сведоци сме на бројни примери на корупција но во статистиките скоро и да ги нема. Според Тасева, тоа што нема случаи во статистиките не значи дека не постои проблем, туку дека институциите не ни функционираат. И покрај потпишаните меѓународни конвенции за владеење на правото, земјава буквално тоне во корупција, а експертите алармираат итно да се даде соодветен институционален одговор ако сакаме да одиме напред.

Според истражувањата на Transparency International, земјава бележи силен пад во рангирањето во однос на справувањето со корупцијата. Според нивното истражување за индексот за перцепција на корупција, од 180 најмалку корумпирани земји, Македонија е на 106тото место.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста