Македонија руши црни корона рекорди, докторите бараат поагресивни мерки

Актуелниот карантин од 22 до 05 часот, како единствена анти ковид мерка, нема да го реши проблемот со зголемениот број на ново заразени пациенти, алармираат докторите. И додека новиот корона бран пустоши низ Македонија и болниците се полнат, надлежните седат со скрстени раце. Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство се уште ги анализираат бројките пред да се одлучат за нови, построги мерки.

„Полицискиот час што се воведе е неефективен, односно не се постигна тоа што се сакаше. Еве можеби ќе се почека уште некој ден. Но, бројките што кажуваат дека од 1 до 10 март, кога се воведе полицискиот час имало 6.500 нови и 107 починати пациенти. Од полицискиот час до сега имаме скоро 12.000 ново заболени и 259 починати. за 30 проценти е зголемен бројот на активни случаи“, вели доктор Ленче Нелоска.

Докторите се согласни дека мерките кои се носат во државата се задоцнети и застарени. Бараат поагресивни мерки по примерот на западно европските земји, каде има најстроги рестрикции. Велат наместо да се казнува за маски на улица, каде вирусот реално и не се пренесува, да се затворат кафулињата, рестораните,  обложувалниците, онаму каде вирусот се шири, а мерките не се почитуваат.

„Никој не го чувствува полицискиот час, ние и претходно бевме затворени после 22 часот навечер дома бидејќи нема ни каде да се движи. Гледаме дека во цела Европа, сите здрави економии направија сериозни локдауни. ако една Германија што е лидер економски и во индустриско производство и во се, можеше и пресмета дека е поефтино да се направи целосен локдаун на еден одреден период… Не знам дали одиме на некој принцип да се заразат повеќе луѓе па на тој начин да се справиме, меѓутоа ова веќе е тотално неиздржливо“, вели доктор Ненад Лазаров.

Во меѓувреме, болничките капацитети забрзано со полнат. Близу 1400 пациенти со компликации од Ковид 19 се хоспитализирани во болниците низ Македонија, нешто што се случува за прв пат по појавата на корона пандемијата. Инфективните одделенија се преполни – најголем број на хоспитализирани има во кумановската болница – 124, во ГОБ 8 Септември се лекуваат 123 пациенти, на Инфективна 117, а исто толку и во болницата во Прилеп. На интерните клиники се запрени речиси сите други интервенции, бидејќи Пулмологија, Очно и Кожно станаа ковид центри. Од вчера во функција за ковид позотивни пациенти е ставена и Детската болница во Козле, а сите деца кои позитивни на вирусот се лекуваа во оваа болница, беа префрлени на Детската клиника во Скопје.

Биљана Божиновска

Advertisements