Македонија рангирана како земја со високо ниво на корупција – 38% од БДП, припаѓа на сивата економија

Високи 38% од Бруто Домашниот производ, припаѓа на сивата економија, алармираат од Обединетите Нации. Денеска на трибина македонската влада се испофали дека работеле во насока на сузбивање на сивата економија. Ама претставничката на УНДП во земјава, им ја кажа вистината в лице: многу зборувате а малку правите им рече таа. Алармира дека граѓаните не се свесни дека „невидливата рака” на корупцијата има директно негативно влијание врз квалитетот на животот.

  • 38% од БДП, припаѓа на сивата економија. Нејзината „невидлива рака” има директно негативно влијание врз квалитетот на живот на луѓето. Повеќе се зборува отколку што се прави. Токму затоа, ние во УНДП сме решително посветени да ги поддржиме напорите на Владата за трансформирање на националниот систем за управување со јавните финансии и за создавање поволно деловно опкружување што ќе придонесе за намалување на неформалната економија”, вели Сања Бојаниќ, заменик на постојаната претставничка на УНДП во Македонија.

И додека од Обединетите нации алармираат дека Македонија „се дави“ во корупција, од власта сметаат дека таа била намалена, иако сепак признаваат дека уште ја имало.

  • Преземањето чекори за намалување на неформалната економија само по себе не е доволно, доколку немаме начин за прецизно мерење на ефектите од ваквите чекори. Поради тоа, клучен аспект во рамки на студијата е развивањето на индикатори за мерење на големината и застапеноста на неформалната економија во земјава. Преку индикаторите за мерење на нивото на неформалната економија ќе може да се направи и евалуација на преземените чекори за справување со неа, што ќе овозможи понатамошно продолжување со мерките кои дале резултат, како и модификување на оние кои не го постигнале очекуваното, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Вистината ја призна и министерката за труд и социјална политика. Вели секоја шеста жена во Македонија работи на црно, без придонеси за здравствено осигурување и без платено породилно отсуство.

  • Наша задача преку Стратегијата за формализацијата на неформалната работа за периодот 2018-2022 и преку ИПА проектот – „Унапредување на условите за работа” е да го поттикнеме создавањето на формални работни места, да ја намалиме непријавената работа, но и да стимулираме поголема економска активност на жените на пазарот на трудот. Државниот завод за статистика бележи континуиран пад на стапката на неформално вработување, од 24,3% во 2011 година, па сè до 13,6% во 2020 година”, истакна министерката Јагода Шахпаска.

Инаку, над 128.000 вработени во земјата работат на црно. Немаат платени придонеси, здравствено осигурување, земаат ниски плати, под 20.000 денари.

За подобрување на состојбата, стопанството бара интервенција во законските решенија, со цел да се намалат можностите за изигрување на законите, со што би се намалила и сивата економија..

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста