Македонија под полициски час – од вечерва, па до 22 март забрана за движење од 22 до 05 часот

Овие улици веќе по 22 часот ќе бидат речиси празни. Стапува на сила полициски час кој ќе трае до 5 часот на утро, секој ден во следниве две недели. Слободно ќе може да се движат само полицајците, војската, разузнавачките служби, докторите, новинарите, но само за службени потреби.

За време на забраната, ќе работат само дежурните аптеки, бензиските пумпи, пекарите, а нема да работи јавниот превоз, односно нема да возат градските автобуси после 22 до 5 часот.

По стапувањето на сила на послицискиот час, продолжуваат да важат ланските дозволи за движење за службени потреби. Секој еден кој нема да ја почитува забраната, ќе се соочи со сериозни санкции.

Казните за оние кои нема да ја почитуваат забраната се движат од 1.000 евра за физичките лица, но и затворска казна. Правните лица кои ќе ја прекршат забраната ќе се соочат со глоба до 500.000 евра. Работниците во трета смена, на полицијата ќе треба да и ја покажат дозволата за движење кои ја добиваат од своите газди.

За време на полицискиот час, луѓето ќе може да излезат само за итни случаи (медицинска грижа, аеродром, меѓународен превоз на патници), за што мора да најават на 192 во полицијата.

Забраната за движење нема да важи за патниците кои во ноќните часови пристигнуваат на скопскиот аеродром, ниту за оние кои преку граничните премини влегуваат во Македонија. Тие на полицијата ќе треба да го приложат патниот билет. Македонците кои се враќаат од егзотичните земји веднаш заминуваат во задолжителна 14 дневна изолација.

Инаку, ова е прв пат годинава да имаме полициски час, кој се воведува поради ширењето на заразата како и напливот на пациенти во болниците.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста