Македонија под полициски час од утре па до 22 март забрана за движење од 22 до 05 часот

Ноќен карантин до 22 март. Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести – полицискиот час да стартува од среда во 22 часот и да трае до пет часот наутро, секој ден во следните две седмици. Забраната за движење нема да важи за патниците кои во ноќните часови пристигнуваат на скопскиот аеродром, ниту за оние кои преку граничните премини со јавен превоз влегуваат во земјата. Тие пред полициските службеници ќе треба да го приложат патниот билет. Изземени се и транспортерите, докторите, пожарникарите… Работниците во трета смена ќе треба да добијат дозвола за движење од своите работодавци.

„Секој граѓанин кој што има потреба од итна лекарска помош се јавува на бројот на полицијата 192 каде што известува дека има потреба да посети лекар, информира за линијата на движење од своето место на живеалиште до здравствената установа и дава информации доколку е придружуван од други лица. Понатаму полицијата во својот систем ги информира сите пунктови“, вели владиниот портпарол Душко Арсовски.

За премиерот Заев мерката на епидемиолозоте била издржана и таа треба да го спречи ширењето на корона пандемијата, посебно што во земјава доминира позарзаната британска мутација. Заев не ја исклучува можноста и за воведување на повеќечасовен викенд карантин.

„Понатаму не се исклучуваат можностите за цели викенди, за цели денови и слично ако не паднат бројките. Од нас зависи, од сите нас граѓаните. Дали ќе се придржуваме на мерките, да носиме маска, да правиме дезинфекција, да избегнуваме групирање, сериозна е работата, не смееме да си играме играчки, животи се губат, нема поголем национален интерес од здравјето на граѓаните“, рече Заев.

Од Владата велат дека старите дозволи со код кои надлежното Министерство за информатичко општество им ги издаде на работниците минатата година и натаму ќе бидат со важност.

Во меѓувреме, македонските граѓани кои се враќаат од африканскиот континент ќе одат во задолжителна 14 дневна домашна изолација. За странците од Африка ќе биде отворен државен карантин.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста