Македонија „плива“ во загаденост, министерот за животна средина дели совети, ќе поскапеле кесите по маркетите

Македонија „плива“ во загаденост, граѓаните бараат мерки, а министерот за животна средина само дели совети дека било подносливо. Сега, во екот на голема загаденост, најавува нова мерка со која ќе се поскапат пластичните кеси за пазарење по маркетите. Вели дека тие нема да бидат бесплатни и ќе се продаваат од 10 денари па нагоре. Ова се предвидува со измените на неколкуте закони за управување со отпад, што треба да стапат на сила догодина.

– Во Македонија годишно се употребуваат над 150 милиони кеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика која најтешко се собира и останува на почвата. Засега сите компании оваа иницијатива ја прифатија позитивно, се надеваме дека тоа и понатаму ќе продолжи. Ова е мерка што сите треба да ја прифатиме и ќе треба да се навикнеме со тоа, за да се преземе одговорноста од страна на сите страни. Идејата е да се покачи цената со цел граѓаните да се стимулираат и да носат друг вид на торби од дома, да не мора да купуваат пластични кеси, рече министерот Насер Нуредини, кој зборуваше на англиски јазик.

Од невладините организации велат дека поскапувањето на кесите немало да ја намали загаденоста, туку само ќе ги осиромаши граѓаните. Велат надлежните да ги засукаат ракавите, и сериозно да пристапат кон решавање на проблемот.

– Пластичните кеси се проблем, меѓутоа за загадувањето на воздухот не се проблем, така што со тоа не се решава и би и порачал на власта да не одиме на некои префирени проблемчиња коишто можеме полесно да ги решиме, па да залажуваме дека проблемот е решен или ќе го решиме, рече Јован Мазгански, „Еко Скоп“.

Невладините сметаат дека овој проблем нема да се реши ниту во 2020 година. Велат граѓаните мора да вршат притисок врз институциите, да организираат протести, родителите да не ги пуштаат децата во училиште.

И додека граѓаните бараат преземање на вонредни мерки, министерот за животна средина, вели дека се уште немаме енормно загадување.

– Свесни сме дека загаденоста на воздухот е на високо ниво, не ја премина границата за да ги активираме итните мерки, но знаеме дека треба да работиме за намалување на нивото. Апелирам до индустријата и граѓаните да внимаваат на што се греат, рече министерот.

Загаденоста на воздухот и понатаму е алармантно за граѓаните на Македонија, особено за оние од Битола, Штип, Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово. И додека граѓаните се соочуваат со катастрофа од високи размери, болниците се полнат, и никој ништо не презема. Токму затоа протестите ќе продолжат в петок од пред Министерството за животна средина до Владата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста