Mакедонија останува закована на дното во регионот по борбата со корупцијата, заедно со Монголија

Mакедонија останува закована на дното во регионот по борбата со корупцијата и со историски најлоша позиција до сега. Според Транспаренси Интернешнл, земјава се најде на 111 место од 180 држави. Оваа година, според Слаѓана Тасева, го бележиме најниското рангирање, уште од 2001 кога се најде во овој извештај за прв пат. Нема промени во поените во споредба со лани, но земјата има пад од осум места во споредба со рангирањето од 2012 година. Според Тасева, борбата против корупцијата во Македонија назадува, и состојбите не мрднале од мртва точка.

  • Сега сме на 111-то место. Бројот на индексни поени не е променет што покажува дека не се постигнуваат резултати во областите кои се содржина на истражувањата кои се користени за анализа на податоците за Република Северна Македонија, но имаме намалување во клучните области – владеење на правото и човековите слободи и права. Носителите на власта треба да сфатат дека со декларативно изразена политичка волја за борба против корупцијата, а без јасно изразени и видливи активности, резултати и ефекти од таа борба и понатаму ќе имаме резултати кои ќе укажуваат на многу висок степен на корупција. Неопходно е многу сериозно да се зафатиме со ефикасна и вистинска борба против корупцијата зашто политичките декларации не покажаа резултати, рече Тасева и додаде дека е очигледно дека само со политика и декларативност не може да се промени состојбата.

апсолутно не бележиме никаков напредок вели Тасева. Според неа, судството, било најмногу корумпирано и ниту една алатка до сега не дала резултат.

  • Мерките се уште се во сферата на декларативното без видливи резултати пред се во зголемување на ефикасноста на судството, започнување ефикасна реформа во судството. Неопходно е да се зајакнат сите активности за спроведување на ефикасна борба против корупцијата, а посебно против високата корупција која и понатаму останува недопирлива за органите на прогон и за правдата. Треба да се зајакнат и активностите за следење на финансиските текови и за несразмерните и незаконски богатења, но и да се зајакнат мерките за конфискација – да им се врати на граѓаните она што од нив е украдено затоа што сите пари кои се одлеваат како резултат на корупција се сопственост на граѓаните, оцени Тасева.

Македонија е во рангот со земји како Панама, БИХ и Монголија. Од сите европски држави полоши од нас според Индексот се само Украина, Молдавија и Русија.

Во светски рамки Нов Зеланд и Данска се држави за кои има пепцепција како најмалку корумпирани, а зад нив следуваат и Финска, Швајцарија, Сингапур и Шведска. Како најкорумпирани земји во светот се перцепираат Сомалија и Јужен Судан, а на последните пет позиции се уште и Сирија, Јемен и Венецуела.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста