Македонија останува во чекалната на ЕУ – од зацементиран датум до закани кон Брисел

Како од сигурен датум за почеток на преговорите премиерот односно владата стигна до заканувачки пораки кон Брисел, дека виси мандатот и ќе се вратат националистички струи на евентуални предвремени избори? Пред една година Заев тврдеше дека датумот е загарантиран.
-Македонија доби датум за почеток на преговорите, јуни 2019, ред е тоа да биде потврдени и од независната страна, Европската Комисија. Излезе и претседателот на Европскиот Совет заедно со мене на прес конференција, со брендирана позадина да го потврди тоа, комесарот Хан кој што е задолжен за преговорите, го потврди тоа неколкукратно и ќе дојде и во Македонија да го потврди тоа. Мислам дека е дегутантно да се негира до ден денеска фактот, дека Македонија доби датум за преговори, рече Заев, 2 јули 2018 година
Оваа изјава се случи на три месеци пред референдумот. По неа следеа прослави, т.н. НАТО и ЕУ фест, на кои требаше да се слави датум и членство во Алијансата. Но граѓаните изгледа не веруваа и тогаш дека датумот е можен.
Сигурниот датум беше главен адут на власта и во предреферндумската и во претседателската кампања. На нејзините митинзи, оние кои не веруваа во датум заради неисполнетите реформи, беа квалификувани со секакви зборови и за нив владата и премиерот заклучија дека не и сакаат добро на државата па затоа го демантираат датумот. И почнаа да стигнуваат сигналите дека датумот е невозможна мисија без реформи. Заев ревносно порача оти ќе се впушти во офанзива да ги убедува Германија и Франција.
-Ако треба и 10 пати ќе одам на средби со Макрон, Руте и канцеларката Меркел, тоа го правеа моите колеги Ципрас и Борисов. Евроинтеграциите се нашата втора цел, првата – приемот во НАТО – веќе е остварена. 14 години се предолго време да се чека пред вратите на ЕУ , рече Заев на 7 мај 2019.
Кога пораките од клучните земји веќе немаше како да се демантираат од владата, Заев упати закани до ЕУ: или датумот ќе го добиеме, или ќе ми падне владата, па ќе има предвремени избори и ќе се врателе националистичките струи и стагнацијата. А требаше да се случи реконструкција.
-Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака, порача премиерот од Брисел, на 5 јуни 2019.
Датум сега нема, а неизвесен е и за на есен. Во меѓувреме Заев непрестајно се надева на некакви поинакви решенија па патува за Берлин на средба со Меркел следнава недела. И додека неговиот оптимизам е присутен пред камерите, една поинаква перспектива претскажува уште еден европски медиум.Овој пат австриски „Стандар“. Превидува пропаѓање на европскиот модел на Балканот ако земјава не добие датум. Според авторот на текстот, „не за Скопје ќе значи и крај на ЕУ – проширувањето„, а земјава е практично заложник на Албанија.
Искра Коровешовска