Македонија одбројува до новата Влада – составот ќе се знае до вторник
За три дена ќе се знаат сите имиња на министрите кои ќе седнат во новиот владин кабинет. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата утре на Извршен и Централен Одбор ќе ги потврдуваат идните функционери кои ќе ги предожи партијата која освои најголем број пратенички мандати на последните избори.
Засега позната е само поделбата по ресори, иако голем број имиња се шпекулираат во јавноста. Мандатарот Мицкоски посочи дека прво треба да одлучат партиските тела по што ќе бидат објавени идните владини функционери.
Од Коалицијата ВРЕДИ, досега потврда за кандидати стигна само од БЕСА на Билал Касами. Тие во идната Влада ги предлагаат: Фатмир Лимани како кандидат за министер за социјална политика демографија и млади, за економија и труд да биде Бесар Дурмиши, а пак, заменик министер за култура и туризам – Седат Сулејмани.
Останатиот дел од коалицијата која добива шест министерства треба да бидат потврдени до вторник кога мандатарот се очеквуа да го достави новиот состав на Владата.
Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски веќе ги потврди двајцата министри кои ги добија со коалицискиот договор. Игор Филков, е предлог да раководи со правда, а Горан Минчев е кандидат за министер за администрација.
Според досега потврденото ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе ги има Министерството за внатрешни работи, Финансии, Транспорт и врски, Образование, Министерството за култура, Министерство за надворешни работи, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Локална самоуправа, Министерство за одбрана, Енергетика, Политички систем, за Дигитална трансформација како и за Спорт…
Албанскиот партнер во идната Влада, Коалицијата ВРЕДИ, ги добива Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за здравство, за социјална политика, демографија и млади, за економија и труд, заедно со секторот Евроинтеграции, како уште едно Министерство без ресор задолжено за добро владеење и транспарентност..
Веќе е извесно дека од следната недела Македонија ќе има нова Влада. Според најавите на мандатарот листата со предлози за министри и програма за работа на Владата во вторник ќе ја достави на разгледување до Собранието, а ќе се гласа идниот викенд по верскиот празник „Духовден“.