Македонија нема да добие ништо: Екскурзиите на Заев, Османи и Димитров низ Европа за џабе

Екскурзиите на Заев, Османи и Димитров во Брисел и низ други европски метрополи, нема да донесат ништо за македонскиот евроинтегративен напредок, сметаат експертите. Државата повторно ќе остане без неколку пати за власта и премиерот добиениот датум за старт на преговори. Поранешниот амбасадор на Македонија во Обединетото Кралство, Ристо Никовски, за Алфа вели дека македонските власти се премногу пасивни, а Македонија мора да биде во офанзива, бидејќи моменталните потези нема да донесат никаков успех за државата, односно само не водат во ќорсокак.

-Сите овие посети кои во последно време зачестија, се некаков крик во пустината кои ништо не нудат. Значи, Македонија мора да биде во офанзива цело време. Сето ова што се случува води во уништување на државата, се однесува неиндолетно, неодговорно и се однесува на начин кој не води во наша победа, односно излез од еден ќорсокак, изјави Никовски.

Јасно е дека проблемот за Македонија се вика бугарско вето, кое го добивме и покрај сите направени отстапки. Според Никовски, Македонија мора похрабро да влезе во овој спор, дури и со закана за поништување на договорот за добрососедство.

-Сакате ли ние да го одржиме договорот за пријателство и соработка, врз основа на кој вие не плукате и блокирате, тогаш треба веднаш да ја прекинете блокадата, треба веднаш да се обврзете дека нема никакви пречки да ни поставувате при преговорите со Европската унија, во спротивно договорот ние ќе го поништиме. Тој договор е на крај капитулантски потпишан и сега врз основа на тој договор за пријателство, тие градат целата своја непријателска политика кон Македонија, изјави Никовски.

Лажните ветувања и неуспехот во евроинтеграциите, се катастрофа за македонската дипломатија и воопшто македонската политика, смета Никовски. Вели мора да има одговорност од највисоките политички ликови поради неуспешната надворешна политика.

-Оваа ситуација сега не е неуспех, него е многу повеќе од неуспех, е катастрофа ама не само за македонската дипломатија, која очигледно е надвор од играта, политиката ја водат неколкумина во врвот на државата, туку за сите политичари. И сите тие треба да сносат одговорност бидејќи последиците се долгорочни, изјави Никовски.

Посетите на Заев, Димитров и Османи во европските метрополи доаѓаат откако еврокомесарот Оливер Вархеји, најави дека е можно одделување на Албанија од пакетот со Македонија, а од речиси сите европски лидери стигна пораката дека мора да постигнеме договор со Бугарија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста