Македонија нема да аплицира за руска вакцина против Ковид 19, се додека таа не биде одобрена од СЗО

Македонија нема да ја земе руската вакцина за Ковид 19 доколку таа не добие зелено светло од Светската здравствена организација. Од Министерството за здравство за Алфа велат дека земјава веќе е на листа за набавка на вакцина преку Ковакс механизмот, но во моментот кога таа ќе биде достапна и одобрена од СЗО.

„Владата доби покана да се приклучи на проектот за рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини. Во изминатиот период имаше неколку состаноци. Се разговараше за детали околу испорака, набавка, количини и начин на дистрибуција. Ова значи, дека штом вакцината преку Ковакс механизмот биде достапна во светот ќе биде достапна и во нашата земја“, велат од Министерството за здравство.

Светската здравствена организација со нетрпение очекува да ги види научните докази од тестирањето на руската вакцина.

Земјите од западниот свет пак се скептични околу безбедноста и ефикасноста на вакцината. Американскиот епидемиолог Ентони Фаучи вели оти имало разлика помеѓу тоа да се направи вакцина и таа вакцина да биде безбедна, а дециден е дека земјата ќе дозволи имунизација за Ковид – 19 само доколку одобрената вакцина биде минимум 50 отсто ефикасна.

Руската вакцина Спутник 5, развиена од рускиот Национален истражувачки центар Гамалеја, беше официјално регистрирана вчера. Таа во себе содржи мртви честички на база на аденовирус. Првата фаза на клиничкото испитување почна на 17 јуни, а вакцината ја примиле 38 доброволци. Таа наскоро ќе биде достапна и за здравствените работници во Русија, а вакцинирањето ќе биде на доброволна основа.

Во моментов 28 вакцини против коронавирусот се развиваат во светот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста