Македонија не е подготвена за строгите протоколи за транспорт, чување и апликација, затоа вакцините доцнат

Македонија се уште не е подготвена да ги прими вакцините на компанијата „Фајзер“, бидејќи за нив се потребни строги протоколи и услови за транспорт, чување и апликација. Вака доктор Андон Чибишев го објаснува одложувањето на испораката на српските вакцини кои иако беа најавени пред еден месец, се уште не стигнаа во Македонија. Чибишев вели дека „Фајзер“ нема да дозволи неспособноста за управување со вакцините да падне врз нивниот грб.

„Замислете Фајзер да испорача вакцини, а некоја држава која ги увезува да не биде подготвена во делот на прием, транспорт, складирање, чување апликација. Ако се случи некоја грешка или некој несакан настан, несакано дејство од страна на вакцината која ќе се аплицира целата вина ќе падне на компанијата Фајзер“, вели доктор специјалист Андон Чибишев.

Ова пак ја става под знак прашалник и испораката на околу 5800 дози кои надлежните ги договорија директно со производителот, а кои според најавите требаше да стигнат до крајот на овој месец.

Со какво темпо ќе се одвива вакцинацијата и колкав период ќе биде потребен да се имунизираат критичните групи, зависи од способноста на надлежните да обезбедат поголеми количини од вакцините, што за сега не е случај, сметаат експертите. Според доктор Чибишев, најидеално сценарио би било тоа да се случи за три месеци, но вели, дури и кога вакцините би стигнале, интересот кај граѓаните за вакцинирање е многу мал, што ќе биде дополнителен проблем пандемијата да се стави под контрола.

„Ако добиеме вакцини, ако организираме брзо, ефикасно да се вакцинира тогаш јас мислам дека треба најмалку околу три месеци, во идеално сценарио. Меѓутоа моите информации говорат дека во Македонија интересот за вакцинирање е многу мал ако јас сметам, еве јас кажувам дека јас ќе се вакцинирам, се пријавив, јас сум во списокот за тие што први ќе треба да се вакцинираат“, вели доктор Чибишев.

Тешко е да се каже дали во Македонија корона вирусот веќе создал колективен имунитет, бидејќи за тоа се потребни опсежни испитувања, вели доктор Чибишев. Сепак, според него и да е точна претпоставката на дел од стручната јавност дека поголем дел од населението веќе било во контакт со вирусот, вакцинацијата е неопходна за да се обезбеди ефикасна заштита, бидејќи само на тој начин ќе се тргне товарот од плеќите на здравствените работници, а економијата ќе почне да се придвижува напред.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста