Како и за што се трошеле интервентните пари наменети за ковид кризата кои Македонија ги добила од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) никој не знае. Од Министерството за здравство за Алфа велат дека МЗ директно од овие пари нема добиено. Не упатија одговор да бараме од Влада или од Министерство за финансии. Како што пишуваат светските меидуми, Македонија го нема доставено извештајот за тоа како се потрошени цели 192 милиони долари од ММФ, иако кога сме ги земале парите сме биле предупредени  да не заборавиме „да ги чуваме сметките.“

Македонија е во исто друштво со Нигерија, Конго, и Малави – земји кои немаат положено извештај за ревизија на парите. Транспаренси овој факт го оценува како „алармантен“.

Инаку овие финансиски средства земјава ги доби во април минатата година, на почетокот од пандемијата.Тогаш ММФ соопшти дека овие пари ќе помогнат за стабилизација на здравствените и макроекономски мерки, да се извршат итните наплати за потребите кои произлегоа од пандемијата на КОВИД-19.

„Економскиот изглед на Македонија значително се влоши како резултат на пандемијата на КОВИД-19. Бруто-домашниот производ се очекува да се намали за четири проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка“, соопшти ММФ.

ММФ од стартот на пандемијата брзо го одврза ќесето и даде цели 118 милијарди долари во интервентни заеми за 87 земји во светот. Она што загрижува е дека Македонија го држи 111 место по индексот на корупција, што е второ најлошо место во источна Европа.

Се потсетува и дека уште во март, првиот човек на македонската владина комисија за анти-корупција ветил истрага за обвинувањата околу скандалот со набавката на кинеските вакцини кои излегоа во италијански медиуми.Во оваа афера кој беа вмешани премиерот Заев и министерот за здравство Филипче,но случајот се уште не е расчистен.

Ања Василева

Advertisements