Македонија на хартија има обезбедено 2,5 милиони вакцини – кога ќе пристигнат ?

Македонија има повеќе од два и пол милиони вакцини – ама само на хартија. Земјава анти ковид вакцини чека од Фајзер, Ковакс механизмот, ги очекува и донациите од земјите членки на ЕУ, веќе се понудија Бугарија, Грција и Полска, покрај овие вчера за прв пат премиерот Заев најави дека македонските граѓани дополнително чекаат околу 200.000 вакцини и од Кина, додека со Астра Зенека се уште се чека договор за директна набавка на вакцините  –  ова се само најави за најава дека имунизацијата во Македонија ќе стартува наскоро, но кога?  прецизен датум немаат надлежните, освен дека првите 5.850 дози од Фајзер пристигнуваат во февруари, а во март три пати повеќе. На прашањето на Алфа кога ќе биде потпишан договорот помеѓу државата и „Фајзер“ за набавката на најавените 800 илјади вакцини за Македонија, по која цена и точната динамика на испорака на вакцината од министерството за здравство ни одговорија:

“Цената на вакцните се очекува да биде под 15 долари колку што е просечната цена за земјите од ЕУ. Во февруари треба да пристигнат 5850 дози вакцини, март и април по 17 550 дози вакцини. Динамиката до крајот на 2021 година дополнително ќе се утврдува.” – велат од Министерството за здравство за Алфа.

Од ресорното министерство останаа без прецизен одговор и на прашањето кога ќе биде платен авансот за дозите на Фајзер, или пак овие вакцини ќе се платат во целост одеднаш.

И додека стигнат вакцините и почне имунизацијата во земјава, дел од  експертите сметаат дека можно е Македонија да изгради природен имунитет бидејќи со ова темпо 60 отсто од населението би било со прележан ковид19.

Според амбициите на здравствените власти, 1 200 000 граѓани би требало да се вакцинираат за Ковид 19 во цела 2021 година. Меѓу нив 2.900 здравствени работници од ковид центрите, уште во февруари ќе бидат имунизирани. За нив ќе бидат наменети првите 5850 количини вакцини на Фајзер од кои треба да примат две дози во период од три недели.

Инаку, Македонија е последна во регионот што ќе добие вакцина против корона вирусот. Грција, Србија и Бугарија веќе почнаа со имунизацијата.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста