Македонија може да остане без гориво – “Макпетрол” се закани дека може да престане да точи


Најголемата компанија Макпетрол се закани дека е можно да престане да продава гориво откако Регулаторната комисија за енергетика без консултација и без најава, дополнително им го намали ќарот.
Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува – истакнуваат од компанијата.
Дека со намалувањето на маржата, загубите ќе бидат огромни, реагираат и од здружението на приватни бензински пумпи од источна Македонија.


Трговците брифираат дека немаат залихи за повеќе од пет дена и дека работат со загуби – продажната цена во моментов е пониска од набавната.
Алфа дознава дека во изминативе неколку дена биле одржани повеќе состаноци на трговците со нафта со претставници на Владата и РКЕ. Иако добивале уверувања дека ќе има мерки за ублажување на последиците, РКЕ синоќа без никаква најава непосредно пред полноќ и пред промената на цената ја намалиле трговската маржа за 33% односно од 4.5 сега изнесува само 3 денари.
Компаниите се лути што власта минимално ја скратила акцизата односно ќарот што го има државата, а максимално удриле по нивната заработка.

„Не обвинуваат дека ние сме воени профитери, со кого Македонија е во војна? Ако е кризна состојба зошто не скратат од своите плати и привилегии туку удираат по бизнисот“ велат за Алфа од една од приватните бензиски станици во Македонија.
Од друга страна од РКЕ ги повикуваат трговците на трпеливост и солидарност и најавуваат дека маржата ќе била вратена веднаш кога ќе се создале услови за тоа.

„Токму на барање на трговците со нафтени деривати се одлучивме да ја промениме методологијата на одредување на цените и да работат ден за ден, односно да има промена на цената на нафтените деривати секој ден“ велат од РКЕ.
Во меѓувреме, Владата подготвува терен за прогласување нафтена кризна состојба. На последната седница била донесена одлука за формирање Советодавна комисија која треба да изготви план за справување со вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот.
Кризната состојба би и овозможила на Владата директно да располага со сите ресурси на државата.
„Во случај на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба“ стои во Законот за управување со криза.
Најавите за уште повисоки цени на горивата и несигурноста во снабдувањето деновиве веќе предизвикаа метеж на бензинските пумпи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста