Македонија меѓу главните теми на изборниот ден во Бугарија: Слави Трифонов фаворит, Борисов обвинува за кражба, Радев се занимава со нас

Македонија и на изборниот ден во Бугарија меѓу главните теми. По неуспешниот обид пред три месеци, бугарските граѓаните денеска повторно ќе се обидат да изгласаат нов парламентарен состав, кој би избрал стабилна политичка Влада. Сепак останува нејасно дали во тоа ќе успеат. Македонија исходот го чека за евентуално тргнување на европската блокада.

На земјава денеска откако го искористи своето гласачко право се осврна и претседателот на источниот сосед. Румен Радев потенцира дека без разлика кој ќе биде на власт, политиката околу овој спор нема да се промени, порачувајќи дека ние сами треба да си ја тргнеме блокадата.

-Политиката на Бугарија кон Македонија не зависи од тоа која влада е на власт и каков ќе биде парламентот, туку од водењето отворен конструктивен дијалог меѓу Скопје и Софија и тој треба да се води меѓу двата главни града. Не во Брисел, Париз или Берлин. И треба да е јасно дека тоа зависи од исполнувањето на копенхагенските критериуми за членство од страна на Македонија, изјави Радев.

Според Еурактив, највисок рејтинг според последните анкети има партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, за која би гласале меѓу 22 и 23 проценти од гласачите, додека на втората позиција е Бојко Борисов и ГЕРБ со поддршка меѓу 21 и 22 проценти. Борисов по денешното гласање се жалеше дека изборите веќе биле нерегуларни.

-Тоа што доживеа Европа да види, избори во венецуелски, помадурски начион. Тотален хаос во земјата, а во странство е кражбата не векот. Влегуваат специјалци, ги допираат машините, никој не ги знае кои се, изјави Борисов.

Едно е јасно, исходот од ова гласањето може да доведе до Влада, која би можеле да состават само Трифонов и Борисов, што се чини е невозможно ако се знае дека лидерот на „Има таков народ“ порача дека нема шанси да коалицира со поранешниот бугарски премиер. Но, можно е и ситуација Трифонов да коалицира со Радев и други парламентарни партии. Сепак, што и да се случи тоа нема да ја промени политиката на Бугарија кон Македонија, што неколку пати беше повторено и од главниот фаворит на овие избори кај источниот сосед.

-Се додека Бугаринот не е спокоен во однос на неговата историја, што претставува и Република Македонија, нашето мислење ќе биде исто како и на сите Бугари, е ставот на Трифонов.

На овие избори големи се шансите во Парламентот да не влезе Красимир Каракачанов и неговата ВМРО-БНД, партијата која има најрадикални ставови кон Македонија барем според реториката. Една од партиите кои се очекува да бидат дел од новиот бугарски Парламент е БСП на Корнелија Нинова. И од таму до Македонија стигнаа пораки дека без исполнување на бугарските условувања, не можеме да се надеваме на напредок во евроинтеграциите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста