Македонија ќе купи 8.000 вакцини на „Фајзер“ од Србија по набавна цена

Откако Бугарија и Грција ветија но не испорачаа ниту една доза од анти ковид вакцините во Македонија, сега Србија се сожали па понуди дел од нивните. 8000 вакцини од германскиот производител Фајзер ќе одвои Србија за земјава. Тие ќе бидат наменети за здравствените работници од ковид центрите.

„Претседателот Вучиќ се јави и кажа дека сакаат да ги донираат вакцините. Ние сме благодарни за тоа, но ние како земја имаме пари, ќе си платиме, по што тој кажа дека ќе ни ги даде по набавна цена. Следуваат деталите меѓу министрите за здравство, а јас денеска ќе имам уште еден разговор со премиерката Ана Брнабиќ за деталите, транспортот, регистрацијата, знаете дека сè уште протоколите се носат од соодветните наши агенции за лекови. Тоа веќе го работи министерот за здравство. Првите вакцини се онака како што личи за нашите херои, здравствените работници од ковид – центрите“, рече премиерот Зоран Заев.

Во меѓувреме надлежните се пофалија дека два од петте фрижидери неопходни за чување на фајзеровите вакцини, за кои е потребно да бидат складирани на минус 70 степени целзиусови, стигнале во Македонија. Министерството за здравство веќе спроведе анкета колку од здравствените работници во јавното и приватното здравство се подготвени да ја примат вакцината. Околу 70 отсто одговориле дека би се вакицинирале. Дополнително, Министерството за труд и социјална политика ги подготвува домовите за стари лица и лица со попреченост за претстојната вакцинација, бидејќи и тие се очекува да бидат опфатени во првата фаза.

Македонија се уште ги чека вакцините нарачани директно од производителот Фајзер, Околу 5800 дози треба да стигнат во Февруари, а по 17.000 во март и април. Следниот месец се очекува и првата пратка од Ковакс системот, преку кој земјава нарача вкупно 833.000 дози за 2021 година. Тие треба ќе стигнат во повеќе фази.

Од земјите во регионот, Србија предничи по бројот на вакцинирано население. Еден милион вакцини од Кина, Србија доби во саботата, денеска очекуваат уште 20.000 дози од Фајзер, утре пак ќе им стигнат и дополнителни 250.000 илјади вакцини од Русија. Србија е единствена земјав во Европа каде на располагање има вакцини од три различни производители.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста