Македонија ќе добие 800.000 вакцини против Ковид 19 од производителот „Фајзер“

800.000 дози од анти ковид вакцините Македонија ќе купи директно од производтелот „Фајзер“. Договорот за набавка бил дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот за здравство Венко Филипче и претставник на компанијата. Првата пратка треба да стигне во Февруари.

„Првите 5850 дози од вакцините на Фајзер ќе стигнат во февраури, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди“, информираат од Министерството за здравство..

Вакцината на Фајзер се чува во фрижидери на  минус 70 степени целзиусови. Вакви фрижидери во Македонија нема, но надлежните најавија оти вакви фрижидери треба да стигнат овој месец, а ќе бидат донација од САД.

Според препораките на Комисијата за заразни болести, приоритет за имунизација ќе имаат здравствените работници, особено оние кои се ангажирани во Ковид центрите. Министерството за здравство веќе прави анкети помеѓу здравствените работници во државните и приватните установи за да се види колкумина ќе покажат интерес да ја примат вакцината. Меѓу првите ќе се вакцинираат и хронично болните, лицата над 65 годишна возраст, вработените во војската и полицијата.

Вакцинирањето ќе биде бесплатно и нема да е задолжително. Потребно ќе биде да се примат две дози од вакцината во период од 21 дена. Децата не се предвидени за вакцинирање.

Околу 833.000 вакцини против Ковид 19, Македонија чека и преку т.н. Ковакс механизам. Дел од нив во земјава треба да стигнат во март. Во меѓувреме, неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Грција, Полска и Бугарија понудија помош на македонските власти за набавка на дополнителни дози од вакцините.

Министерството за здравство се уште нема одговор за директна набавка на вакцините од производтелот „Астра Зенека“.

Македонија е последна во регионот што ќе добие вакцина против корона вирусот. Грција, Србија и Бугарија веќе почнаа со имунизацијата. Албанија првите вакцини ќе ги добие при крајот на овој месец.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста