Македонија има помалку од 5 илјади вакцини за прва доза, се чекаат вакцините од Грција и Бугарија

10-те илјади вакцини за прва доза кои ги имавме пред три дена денеска станаа помалку од 5 илјади. Здравствените власти се уште не знаат кога ќе пристигнат дополнителни дози.Според пресметките вакцините со кои располагаме во моментот за прва доза би се потрошиле за само еден ден, затоа темпото е за имунизација е намалено на минимум. И бројките го потврдуваат тоа, наместо по 10.000 боцкања дневно како претходно, во саботата прва доза од анти-ковид вакцината ја примиле само 597 граѓани. Министерот Филипче уверува дека неделава ќе пристигнат донациите од 70 илјади вакцини од Бугарија и Грција, но повторно не прецизираше датум.
„Секој понеделник стигнуваат нови количини на ‘Фајзер‘, а неделава очекуваме 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 Грција, кои најверојатно ќе бидат од ‘АстраЗенека‘. Немаме точен датум кога ќе стасаат 500.000 вакцини од ‘Синовак‘ кои беа најавени од производителот за почетокот на јуни“, кажа Филипче.
За најавата од Бугарија дека планира да постави два вакцинални пунктови во Македонија, покрај оние два на граничните премини од МЗ ни одгворија дека никој друг нема право да спроведува вакцинирање во нашата држава.
“Вакцинацијата во државата се врши само и единствено во вакциналните пунктови во склоп на здравствените установи во нашата земја, како и во адаптираните пунктови за масовна вакцинација кои се дадени на користење на здравствените домови во гардовите. Никој друг нема право и не смее да спроведува вакцинирање против Ковид 19 во нашата држава.” – велат од МЗ за Алфа.
Досега во земјава со прва доза се вакцинирани 234.508 граѓани, а ревакцинирани 81.273. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку vakcinacija.mk е 431.770 граѓани.
Ања Василева