Македонија го чествува 80 годишниот јубилеј – денот на народното востание – 11 октомври

Антифашистичката борба била борба на сите народи против фашизмот во Европа…На 80-годишнината од почетокот на народното востание против фашистите, македонските  државници немаа доблест да го кажат тоа што со крвави букви го испишала историјата дека 11-ти октомври е денот кога Македонците се кренале во борба против бугарскиот фашистички окупатор, само да не се навредат соседите.

Овој болен историски момент го заобиколи и првиот човек на државата. Од историски Прилеп претседателот  Стево Пендаровски порача дека темелите на оваа држава, се илинденски и антифашистички.  Оној момент кога тоа би го заборавиле, тогаш самите би работеле на уривање на единственото место на светот кое можеме да го наречеме свој дом, истакна Пендаровски.

– Иако победен фашизмот за жал и до ден денешен не е целосно искоренет. Оваа ужасна идеологија што ги мрази различните, ги презира ранливите и е индиферентна кон оние кои страдаат секогаш одново се јавува во периодот на длабоки кризи. Ксенофобијата, расизмот и другите типови на неофашизам се вечниот непријател на вроденото достоинство на човекот и слободата на народите. Истовремено многу од старите пропаганди се присутни и денес, но во нов формат продираат во македонскиот традиционален и дигитален простор. Иако ни доаѓаат по нови патишта и во нови форми, фашизмот и пропагандите имаат иста цел, да сеат раздор и омраза меѓу луѓето, посочи претседателот на државата.

И премиерот Зоран Заев повторно одбегна да зборува за улогата на Бугарија во времето на втората светска војна кога таа била раководена од фашистичката власт и против која на овој ден пред осум децении се кренал македонскиот народ.

-Градиме партнерски однос со сите држави од соседството Бугарија, Србија, Косово, Албанија и Грција со кои што секојдневно комуницираме на сите полиња. Со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.Тоа беа храбри, крупни чекори за потврдиме дека нашата земја била и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав – Никогаш. По никоја цена, АСНОМ сега се споменува и вреднува уште повеќе, порача Заев од Прилеп.

Никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот. 11-ти Октомври е врежан во колективната меморија на Македонија, ден кога слободољубивоста поведе и потоа победи. Ако некои народи велеа дека е подобро да се живее на колена, отколку да се загине на нозе, нашиот народ реши да се исправи на нозе и да крене глава за слобода, и се запиша помеѓу народите предводници на антифашистичката борба, стои во честитката од првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

-Партизаните, нашите втори илинденци залудно не газеа по снеговите, не се бореа и гинеа за слободата за да денес прелесно допуштаме поигрување со таквото наследство, врежано во колективната меморија на слободарските антифашистички народи во Светот, на чие наследство како Македонија имаме попно право да се повикуваме. Никој нема право, а најмалку тие кои ја водат државата, да внесуваат сомнежи, ниту поделби или да прават трговија со нашата колективна заслуга во борбата против фашизмот, порачува Мицкоски.

За време на окупацијата од Македонија беа протерани насила 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпела и огромни економски штети.

 Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста