Македонија ги отвора границите за бегалците од Авганистан

Македонија е спремна да прифати бегалци од Aвганистан со цел да се спасат животите на локалното население – изјави премиерот Заев, откако талибанските борци ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата. Првиот човек на Владата во изјава за Канал 5 информираше дека државава може да обезбеди сместување во хотели и одморалишта а трошоците би биле покриени од САД. Оваа изјава следи откако и премиерот на Албанија Еди Рама рече дека државата ќе прифати стотици бегалци од Авганистан.

„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан – изјави премиерот за Канал 5.

Хаосот во Авганистан ескалира, талибанците го окупираа и главниот град Кабул каде се случува сообраќаен колапс, бидејќи голем број луѓе брзаат кон своите домови или бегаат од нив. Авганистанското МВР соопшти дека се започнати преговори за мирно предавање на Власта, а светски медиуми веќе објавија дека претседателот на Аганистан Ашраф Гани ја предал власта на преодната Влада.

И додека македонската Влада се нуди на помош за локалното население на Авганистан, таму има стотина македонски граѓани, а голем дел од нив се уште не се евакуирани. Од Министерството за надворешни работи само информираа дека биле на безбедно, а оставено е на компаниите за кои работат да им обезбедат планови за евакуација.

Во последните денови и во албанските медиуми кружеше вест дека САД побарале од Албанија и Косово привремено да ги сместат бегалците од Авганистан. Премиерот на Албанија информираше дека државата е спремна га ги прифати бегалците, а очекува и Косово да го стори истото доколку Вашингтон испрати такво барање.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста