Македонија е петта по смртност од ковид во Европа, надлежните не прифаќаат критики

Македонија на неславното петто место по смртност од корона вирус во Европа. Загрижувачки се статистиките кои покажуваат дека во земјава се регистрирани 2775 смртни случаи на милион жители. Здравствениот систем на колена, расте бројот на заразени и починати, лекарите преморени, болниците преполни, а се повеќе од младите заразени имаат тешки клинички слики. Експертите предупредуваат дека нема протоколи за лекување на ковид пациентите. Надлежните се правдаат дека причини за високата смртност се коморбидитетите и тоа што пациентите доцна бараат помош. За упатените, овие изјави се паушални.   

Не можеме да кажеме дека кога ќе ја поминеме границата, таму живеат други луѓе. Албанија, Грција, Бугарија….истите луѓе, иста храна, исти навики на живот, и баш  дека ние сме тие што имаме такви хронични болести не е точно. Додека така се тврди, додека клиничките доктори се кријат, не кажуваат какви проблеми имаат при лекувањето, додека не се спореди смртноста од една до друга болница, смртноста ќе расте. Со вакви паушални изјави на надлежните, се покажува дека тие не сакаат да влезат во суштината на проблемот и ако вака продолжи за неколку недели ќе избиеме на прво место – изјави микробиологот, проф. д-р Никола Пановски.

За тоа дека нема протоколи за лекување, алармираше и Лекарската комора. Побара надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија да споделат со јавноста стручни ставови за третирањето на вирусот.

Тие требаше да се донесат првите 15 дена, на Лекарската комора и требаше година и пол да го каже тоа што ние го зборуваме толку време. Во време на пандемија се кријат, не кажуваат ништо, протоколи треба да има, никој не реагира за тоа што нема амбулантски протоколи, се даваат двојни дози антибиотици непотребно, бидејќи за лекување во амбуланта, нека не кажува министерот дека има протоколи, кога ќе отворите на МЗ, нема протоколи за амбулантско лекување – вели д-р. Пановски.

И додека министерот Филипче и премиерот Заев демонстрираат смиреност, изјавуваат дека состојбата е под контрола и будно се следи, дневните ковид статистики се обесхрабрувачки. Претседателот на Владата изјави дека висока смртност имало и во другите земји, иако бројките го покажуваат спротивното. Само за споредба, додека Македонија е на петто место, Грција е на 27, Албанија на 37, Србија на 39 место во Европа по број на смртни случаи на 1 милион жители.

Адријана Алексиеска