Македонија доцна влезе во трката за вакцини

Откако видоа дека сите земји од Европа се активираа да ја набават вакцината против корона вирус и властите во земјава влегоа во трка за вакцината. Министерот за здравство Филипче објасни оти земјава нема да го чека само Ковакс механизмот за пристап до вакцините, туку државата веќе побарала директно од производителите „Астра Зенека“ и „Фајзер“ да набави од вакцините. Но дали тие ќе дојдат навреме како што планираат надлежните? Оптимизмот е дека вакцинирањето ќе стартува во првото тримесечје од следната година.

„По иницијалните нивни одговори се чека и дефинитивната потврда дека дополнителна количина ќе може да се набави директно од компаниите. И третиот механизам е практично механизмот којшто го понудија дел од земјите членки на ЕУ. Имено, од нивните билатерални договори со дел од компаниите беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на земјите членки на Еврпоска унија, од коишто 100 милиони беа наменети за земјите во Европа коишто не се членки на унијата. Иницијална понуда добивме од Полска, понатаму преку премиерот Мицотакис до нашиот премиер Заев и за тоа веќе аплициравме за 800 илјади дополнителни дози, значи од тие 100 милиони дози коишто ќе бидат на располагање“ вели министерот за здравство Венко Филипче.

Приоритет во вакцинирањето ќе имаат здравствените работници, вработените во критичната инфраструктура и транспортот. Во првата фаза од вакцинацијата предност ќе имаат и граѓаните над 65 годишна возраст и хронично болните. Пациентите позитивни на корона вирус исто така ќе може да ја примат вакцината, но само откако целосно ќе оздрават.

„Здравствените работници директно изложени на работа во ковид центрите, тие коишто ги третираат или работат со пациенти, микробиолошките лаборатории и тие коишто ги тестираат и потоа секако хронично болните. Од хронично болните ќе се прави приоритизација во зависност од нивната здравствена состојба, најчесто се тоа кардиоваскуларните заболувања, респираторни, малигни заболувања и секако еден параметар ќе биде возраста кај пациентите, поприоритетна ќе биде повозрасната група пациенти. Во моментот со оваа категорија вакцини не се опфатени децата“, рече претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова.

Очекувањата на министерот се дека против корона вирусот во земјава ќе се вакцинира над 60 отсто од населението, а постапката вели ќе биде во неколку фази. Вакцината нема да биде задолжителна.
Државата ќе плаќа по 10 долари за секоја поединечна доза од вакцините. За пациентите вакцинирањето ќе биде бесплатно.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста