Македонија, Албанија и Србија ги креваат граничните рампи, нема потреба од ПЦР тест

Во ситуација кога македонското здравство е пред колапс, надлежните потпишаа Меморандум со Србија и Албанија за лекување на ковид позитивни пациенти во нашата земја на товар на домашниот буџет. Бесплатно лекување ќе има и за македонските граѓани кои болеста ќе ги затече во една од овие две соседни држави.

„Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболе и ќе треба да се лекува во Албанија или Србија тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на нашата територија и им е потребна помош“, вели премиерот Зоран Заев.

Во меѓувреме, Србија ги крева рампите за македонските граѓани без ПЦР тест. Одлуката за проток на патници помеѓу Македонија, Албанија и Србија само со важечка лична карта, била донесена оти епидемиолошката состојба во трите земји е речиси идентична. Меморандумот кој денеска го потпишаа лидерите на трите земји предвидува и меѓусебна помош и поддршка доколку се преоптовари здравствениот систем.

„Развој на зелените транспортни линии за да може во секој момент и нашите болници да ги примат и албанските и македонските граѓани и обратно. И мислам дека со тоа ќе постигнеме дополнителна сигурност. Кој и да каже дека инфекциите не познаваат национални и државни граници, затоа е многу важно да не ги затвораме границите туку заеднички даја пребродиме кризата и да продолжиме со нашата трговска размена“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

„И Косово ќе се приклучи на иницијативата, поакувам и другите земји од западно-балканската заедница да се приклучат за да можеме сите заедно да работиме кон подобра иднина“, вели премиерот на Албанија, Еди Рама.

Инаку, земјава уште на почетокот на минатиот месец ги отвори границите за жителите на Србија, Косово и Албанија без потврда за негативен корона тест.

Биљана Божиновска

Поврзани вести