Македонија 10-та на листата Дуинг Бизнис, уназадување во 6 од 10 области

Македонија се најде на 10-то место на најновиот извештај Дуинг Бизнис на Светска Банка според леснотијата за водење бизнис, што е напредок за една позиција во однос на лани.

И покрај подобрувањата во делот на издавањето на градежните дозволи и регистрацијата на имот, пад има дури во 6 анализирани области. Ако некогаш Македонија беше меѓу најдобрите во светот по леснотијата за старт на бизнис, сега е рангирана на 47-мото место, што е уназадување за 25 позиции споредено со лани. Земјава е послабо рангирана и според добивањето на електрична енергија за 4 места, заштитата на малцинските инвеститори за 3 позиции, плаќањето на даноци за две места, прекуграничната трговија бележи пад од 8 позиции, како и склучувањето на договори за две места.

За министерот Тевдовски, извештајот бил показател за добрите економски политики на Владата, но и насока во кои делови треба да има подобрувања.

И покрај регистрираните негативни трендови, Македонија, останува прва во регионот, и 5-та во Европа зад Данска, Грузија, Норвешка и Британија. Од 190 анализирани држави, 128 држави вовеле 314 законски реформи со кои ја подобриле бизнис климата. Од нив, Македонија го поедноставила процесот за добивање градежни дозволи преку намалување на трошоците за добивање на земјишни парцели.

Најдобри држави за водење бизнис во светот се Нов Зеланд, Сингапур и Данска, а најлоши Венецуела, Еритреја и Сомалија.

Тања Попова