Македонците во очај за вакцини, спас бараат во соседна Србија

По новинарите, и полицајците ќе се вакцинираат во Србија. Очајни и во немоќ да се вакцинираат во земјава, оти вакцини за граѓаните се уште нема, работници од Македонија спас бараат кај северниот сосед. Вчера, 100 медиумски работници, преку Македонската асоцијалија на новинари, ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“ во Врање. Сега и Независниот синдикат на полицијата договара своите членови да ги имузинира во Србија.

„Во соработка со збратимените синдикати од Р. Србија сме во завршна фаза на преговори за обезбедување на количество вакцини за членовите на НСП. Вакцинацијата е првенствено на членовите, но и на останатите вработени од организационите единици со најголем ризик кои доброволно ќе се пријават“, информираат од Независниот синдикат на полицијата.

Од Влада нови изговори – проблемот со недостиг на вакцини бил глобален, а надлежните во земјава ги користеле сите механизми за да обезбедат поголем број на вакцини за граѓаните. Сепак одбија да одговорат дали некој ќе понесе одговорност што во македонија се уште нема ниту една вакцина за општата популација, освен здравствени работници.

„Се очекуваат 100.000 вакцини преку Ковакс механизмот, траат преговорите со фајзер и се прават напори што побрзо да стигнат 200.000 дози вакцини Спутник В и 200.000 вакцини од Синофарм“, вели владиниот портпарол Душко Арсовски.

Но, реалноста е дека овие 500.000 вакцини за кои зборуваат гласноговорниците на Владата, ги нема. Од МЗ нема одговор кој ден ќе стигнат нарачаните дози од вакцините. Премиерот Заев, пак, кој минатата недела оптимистички најави дека вакцините на Астра Зенека преку Ковакс механизмот ќе стасале на 31 март, денеска не сакаше да зборува за конкретни датуми. Но, ја збуни јавноста со изјавата дека масовната вакцинација во земјава ќе почнела кон крајот на овој месец или почетокот на следниот. Она што зачудува е за каква масовна вакцинација говори премиерот, кога во Македонија има нула вакцини, а месецот ќе заврши за шест дена.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста