Македонците во Бугарија и Албанија и понатаму жртви на бугарската политика

    „Ние сме како и пред 20 години. Не’ има како Македонци, но во Бугарија не не’ признаваат. Немаме никави права. Сакаме да изучуваме македонска историја на македонски јазик, сакаме да има македонска црква, но не ни дозволуваат…Ние сме многу притиснати, веќе не се поднесува тој притисок. Со овие зборови, Македонецот од Бугарија, Кирил Тилев, ја опишува положбата на нашинците во Бугарија, и додава дека дури и заканите по живот не им биле непозната работа.

  „Ни се закануваат со убиства, иселувајте се од Пиринска Македонија штом сте Македонци. Тука нема Македонци. Толку се големи притисоците така што кога ќе легнеш навечер, стануваш од сон..Ни се фалат со убиства – како може тука вие да ја разединувате бугарската нација ? Вие сте шпиуни, вие сте американски шпиуни..како ли се не не нарекуваат ?! Луѓето се вознемирени, не се спокојни оти се чувствуваат како Македонци и не можат спокојно да живеат“, – открива Кирил Тилев од „ОМО Илинден“, Р. Бугарија.

  Од асимилтароските и негаторски политики на Бугарија, се жалаат и Македонците кои живеат во Албанија. Според македонскиот пратеник во албанскиот Парламент Васил Стерјовски, Македонците во Албанија немаат големи проблеми со матичната Влада, но во последниве години, тие биле жртва на нескриените, брутални методи на Бугарија, со уцени, закани и поткупи, карактеристични за 19 век, Македонците во Албанија да се попишуваат како Бугари.

  „Тоа што не загрижува во последниве години е бугарската пропаганда во Aлбанија која што цели на негација на македонското малцинство. Албанија во 2017 година беше приморана под притисок и закана за нејзиното членство во ЕУ од Бугарија, да признае бугарско малцинство, иако такво малцинство не постои во Албанија…Не може со методи од 19 век, во 21 век да се спроведува асимилација на целото макеоднско малцинство пред очите на целата јавност и затоа бараме поддршка од РА и од РМ заедно да ги спречат овие обиди на Бугарија за асимилација на Македонците во Албанија“, – вели Васил Стерјовски – претседател на Македонската партија во Албанија – „Македонска алијанса за европска интеграција“.  

   Ова се само дел од излагањата на Македонците кои живеат во соседните земји, изнесени на годинашниот, 22-ри по ред Семакедонски собир, во организација на ГИ „Не’ ИМА“, а кој традиционално се одржува на 4-ти февруари, по повод раѓањето на македонскиот идеолог Гоце Делчев.

   „Целта на овие средби е, освен дружењето, да овозможиме да се даде поголемо медиумско влијание на некои проблеми кои ги имаат нашите сонародници кои живеат надвор од РМ. РМ не прави ништо за Македонците кои се надвор од РМ…“, – посочува Илија Богатиноски, в.д.претседател на ГИ „Не’ ИМА“.   

   Од годинашната средба ќе биде испратена и Декларација во која ќе биде вметнато и барањето за итно формирање на Координативно, државно тело во земјава кое логистички ќе се грижи за остварувањето на правата на Македонците во земјите во кои тие живеат.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста