Македонците непожелни и во Турција, и Словенија повеќе не ги признава ковид тестовите од Македонија

Македонските државјани непожелни и во Турција. Од среда само со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа македонците ќе можат да влезат во Турција. Новата мерка на турската влада ќе важи до 1 март наредната година. Исклучок се само децата до 6 години. Истовремено, Словенија повеќе не ги признава ПЦР тестовите од Македонија но и од регионот. Влез во Словенија без карантин можен е само со негативен ПЦР тест од земјите членки на ЕУ. Лошата ковид статистика во земјава – ги остава и натаму безнадежни македонците за излез од државата без ковид тест.Но зошто Македонија е отворена за сите држави безусловно ? Здравствени власти засега не гледаат потреба за воведување ковид тест на границите за влез во земјава.

“Комисијата за заразни болести ја следи ситуацијата со Ковид 19 и доколку процени дека е потребно да се предложат дополнителни мерки, ќе ги предложи истите до Владата. Засега, остануваат тие што во моментов се на сила.” – велат од Министерство за здравство за Алфа.

Од почетокот на пандемијата земјите од регионот повеќепати ја менуваа одлуката за влез и излез. Според досегашното искуство мошне сигурно е дека Грција и понатаму ќе остане затворена. Во Бугарија и Србија без ковид тест не постар од 72 часа македонците не можат да влезат.Во Црна Гора сме добредојдени само со серолошки тест.

Единствено граничните премини со Косово и Албанија се единствените каде Македонците можат да поминат без ПЦР тест.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста