Македонци 58.48%, Албанци 24.30% – Статистика ги објави резултатите од пописот

Државниот завод за статистика по шест месеци ги објави податоците за вкупниот број на население. Според пописот спроведен лани во септември во Македонија има 1.836.713 граѓани. Од нив 58.48% се Македонци, 24.30% се Албанци, но заедно со дијаспората каде се попишани 260.606 лица процентот на Македонци е 54.21, а на Албанци е 29.52, со тоа вкупниот број на попишани граѓани е 2.097.319.

Како резидентно население со 3,86 % се застапени и Турците, 2,53 отсто се изјасниле како Роми, 0,47% власи, 1,30% како Срби и др.

На пописот само 3.504 луѓе се изјасниле како Бугари или 0.19% од вкупното население. Со тоа тие се седмата најголема етничка заедница, по шесте спомнати во Уставот. Како Торбеши се изјасниле 4.174 луѓе. Над илјада изјаснети на пописот има и Египјани – 2.406, Хрвати – 2.145, Црногорци 1.023. На пописот се попишани и 66 Евреи.

Дел од жителите на Македонија се уште се чувствуваат како Југословени. На пописот 227 мажи и 117 жени како етничка припадност одговориле Југословени. Тоа е 0.1% од вкупното население.

Во базата на Статистика се регистрирани и 132.260 лица за кои податоци се преземени од административни извори, односно тоа се оние кои одбија да бидат попишани или вкупно 7.20 отсто. И покрај ваквата бројка, првиот човек на државна статистика Апостол Симовски се пофали дека пописот бил успешен.

Инаку според резултатите во последните 20 години бројот на жители се намалил за 9,2 отсто од 2002-ра кога беше спроведено последното попишување или 185.834 граѓани помалку. Ако на национално ниво се бележи намалување на бројот на жители, во главниот град сликата е поинаква. Според Статистика, Во Скопје има 526.502 жители или зголемување за 3,9%.

Бројот на домаќинствата пак е зголемен за 34.336 или за 6,1%, зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2%.

Резултатите од пописот говорат дека Зрновци е општината со најмал број на жители, а Куманово со најмногу жители или 98.104. Според официјалните податоци, просечната возраст на населението е 40,08 години.

Покрај овој прв сет на податоци според најавите на Симовски, до крајот на годината ќе бидат објавени сетови на податоци кои ќе ги содржат и економските, образовните каратеристики на населението.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста