Македончињата во Швајцарија пет месеци без наставник по мајчин јазик
Македонските ученици во пет паралелки од француското говорно подрачје на Швајцарската Конфедерација од септември немаат наставник по македонски јазик. Нивните родители излегоа со јавен апел во кој изразуваат загриженост поради неодговорниот однос на Министерството за образование и Агенцијата за дијаспора кои, иако точно информирани за проблемот, не обезбедиле наставник за дечињата во Швајцарија. Проблемот настанал кога на претходната наставничка и истекол мандатот во јуни, а нејзината наследничка во последен момент се откажала од работното место. На средбата во септември, министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми и директорот на Агенцијата за дијаспора Шалваринов им ветиле на Македонците во Швајцарија брзо решавање на случајот преку брз конкурс и отпочнување на наставата.
„Но ништо од тоа , се приближува крајот на Јануари 2020 а учениците се уште немаат настава. Родителите не добиваат ни официјални информации од резултатот на конкурсот и новоназначената наставничка. Никаков одговор од Министерот за образование Г.Адеми, како и никаков абер од Министерот за Дијаспора” другиот” Г.Адеми“ велат до Унијата на Македонски училишта од Француското говорно подрачје на Швајцарија.
Алфа побара информации за случајот од МОН, а оттаму добивме само краток одговор.
Завршен е јавниот повик, избран е наставник, во моментов има постапка за вадење на работна виза – велат од МОН за Алфа.
Од Унијата на Македонски училишта сепак бараат конкретни информации и точен датум за отпочнување на наставата и посочуваат дека овој проблем е само еден од многубројните со кои се соочуваат иселениците, при што сметаат дека нивните права се загрозени од никој друг туку токму од нашите, македонски институции.
Драган Милосављевиќ