НАЈНОВИ ВЕСТИ

Мајката од Прилеп која си замина дома без новореоденчето, сега трпи обвинувања дека таа е виновна за сепсата на бебето

Мајката од Прилеп која си замина дома без новореоденчето, сега трпи обвинувања дека таа е виновна за сепсата на бебето

Инфекција од мајката или пак инфекција „зарботена“ во прилепската Болница, го чинеше живот несреќното бебе кое било родено здраво-право на Гинекологија, а почина од сепса на Детската клиника во Скопје? Многу прашања и гнев, а премалку одговори и надеж. Особено за несреќната мајка, која во изјава за Алфа, категорично ги отфрли сите обвинувања од прилепската Болница, а упатени на нејзина адреса дека вагиналната инфекција која ја имала уште во третиот месец од бременоста, не и’ била соодветно лекувана, па најверојатно тоа било причината за фаталниот крај на нејзиното бебе.

    „Не е точно дека не ја лекував инфекцијата и дека не ми беше излекувана. За тоа имам и документи од матичниот гинеколог. Но, за жал, тие се во архивата од Болницата. Откако се случи трагедијата, отидов и ги побарав, но не ми ги дадоа. Ми рекоа дека тие останувале кај нив. Зошто не ми ги даваат, јас не знам. Но, тие сигурнo си знаат. Јас имав потпишано и да се породам со „царски рез“, ама бидејќи породилните болки ми почнаа неколку дена порано, по препорака на гинекологот, се породив природно и брзо, без никакви проблеми“, – ни рече во телефонскиот разговор мајката Лиле Петровиќ.

    Врз телото на бебето кое по седумдневната борба за живот почина на Детската клиника во Скопје, по барање на родителите, не била направена обдукција. Но, до ОЈО Прилеп тие сепак поднесле тужба против прилепската Болница. „Родителите поднесоа тужба, а побараа и ексхумација на телото. Но во оваа фаза, ексхумацијата е невозможна, бидејќи се работи за тело од бебе. Ќе мора да се почека“, – велат од ОЈО Прилеп.

   Од ДСЗИ пак, најавија дека веќе денеска ќе се направи вонреден инспекциски надзор во прилепската Болница, со цел утврдување како и каде бебето добило сепса. А додека ресорниот министер Меџити рече дека нема да дозволи со случајот во Прилеп да се оцрнат белите мантили.

   „Веднаш денеска иницирав како министер во Министерството, ќе оди ДСЗИ и ќе има и стручна комисија. Нема отсега натаму веќе да има сомненија за ниту еден случај. Сеќе решиме до крај како што треба“, – изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.   

    Од прилепската Болница пак, во единственото штуро соопштение до јавноста се правдаат дека тие направиле се’ што било потребно, и притоа воопшто не ја спомнуваат сепсата, што само по себе е скандалозно, бидејќи од ДК децидно го потвдија нејзиното присуство.

  Инаку, ова не е првпат во прилепската Болница пациент да почине од сепса. Во февруари, 52-годишна пациентка го загуби животот откако и’ била направена рутинска киретажа на Гинеколошкото одделние, а за двајца други пациенти од Ортопедското одделение постоеше сомневање дека имале сепса. Овие случаи до ден-денес останаа недоразјаснети. Тогаш, сите операциони сали во прилепската Болница, заради потврдената Интрахоспитална инфекција, беа затворени цела недела.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста