Мајката и сопругата како параван за филмско бегство среде бел ден на затвореник од прилепскиот затвор

Вчера, среде бел ден, искористувајќи ја посетата на мајката и сопругата, 36-годишен затвореник од Гостивар, осуден на 20-годишна затворска казна, избегал од прилепскиот Затвор. Спектакуларното бегство, а кое за вистинско чудо никој не го забележал, се случило пред очите на затворските чувари и под надзорот на безбедносните камери. Според информациите до кои дојде Алфа, затворските чувари, отсуството на затвореникот кој инаку, бил осуден за тешки кражби, го забележале дури откако истекло времето за посета во посебните простории за средби, каде сами останале двете жени. По избеганиот затвореник се трага уште од вчера, а додека неговите роднини-посетителки, уште веднаш биле повикани на информативен разговор во ПС во Прилеп.

Од Затворската управа, утринава го потврдија случајот, но без соопштување на било какви подетални и поконкретни информации. Од МВР пак, исто така не информираа дека и тие се запознати со случајот и дека веќе работат на неговото расчистување, но за поконкретни информации, упатуваат на Министерството за правда во текот на денов. Во меѓувреме, најавени се дисциплински постапки против дежурните затворски чувари, кои имале обврска безбедно да ја реализираат посетата и под строг надзор да го спроведат затвореникот од и до затворениот дел од Затворот.

Познавачите на состојбите велат дека вакво бегство не било можно да биде изведено без соодветна помош од внатре и од надвор, така што, како што неофицијално дознаваме, најверојатно оваа акција била добро испланирана.

Инаку, Затворот во Прилеп е од затворен тип, со капацитет за 120 затвореници, а во моментов казна издржуваат околу 110 осуденици. Кон крајот на минатата година, КПД „Затвор – Прилеп“ беше во фокусот на јавноста кога командир физички нападна осуденик, кој по нанесените повреди заврши во Болница. Пред извесно време пак, актуелниот прв човек на Затворот, неофицијално беше споменуван и како можен кандидат за градоначалник од редовите на владечката партија.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста