Mузејот на вода во Заливот на коските е прв на листата по посетеност во Градиште

Десет години по отворањето, Музејот на вода во Заливот на коските  кај Градиште бележи рекордна посетеност. Според официјалните податоци на охридскиот Завод и музеј,најразгледувана е праисториската наколна населба на локалитетот Плоча Миќов град.

За илустрација, во 2015 та година највеќе пари во касата на Завод и музеј донеле 40.000 посетители на Музејот на вода.Од разгледувањето на праисториските наколни живеалишта во Заливот на коските кај Градиште,се инкасирани 3 милиони 156.000 денари. Дека интересот за овој локалитетет не спласнува, говори и податокот дека две години подоцна,односно лани истиот го разгледале околу  370.000 посетители.

Туристите кои ги затекнавме во Музејот на вода, велат дека токму нашето богато културно историско богатство е она што повторно ќе ги натера да се вратат во Македонија.

Наколната населба е реконструирана автентично на остатоците од праисториската населба во подводниот археолошки локалитет „Миќов град“. На платформата која се издига во Заливот на коските  изградени се 24 неолитски куќички. Изградбата на најпосетуваниот комплекс чинеше 3,5 милиони евра.

Новата технологија на  истражување која сега се применува за прв пат не само во Македонија, туку и на Балканот, можеби ќе покаже дека наколната населба во Заливот на коските била активна повеќе од 3.000 години,како што сега се смета.Тоа отвора можност охридскиот да се вброи меѓу 1.111-те поединечно заштитени археолошки локалитети под Унеско.

 

 

Росица Голабоска