Mаневски поднесе кривична пријава за Ковачевски, Груби, Маричиќ и Рустеми за „Бехтел и Енка“

Ковачевски, Груби, Маричиќ, Бочварски и Рустеми ја злоупотребиле службената положба, ги пречекориле границите на своите овластувања и не ја извршиле должноста при склучување на Договорот со „Бехтел и Енка“. Екс-министерот за правда, Михајло Маневски бара кривично да бидат гонети потписниците на спогодбата со американско – тускиот конзорциум. Екс-министерот во пријавата наведува дека посочените функционери го повредиле и Уставот и повеќе законски материјални и процесни одредби.
- „Договорот помеѓу Владата на Македонија и конзорциумот „Бехтел и Енка“ е склучен без спроведување на постапка за јавна набавка, склучен е тајно, во четири очи, со што е извршена груба повреда на гаранцијата за слобода на пазарот и претприемништво. На овој начин е спречена конкуренцијата, како и детерминирана вредност на градење на здрави деловни потфати и претприемништво“ стои во кривичната пријава.
Маневски пријавата му ја доставил на Гаврил Бубевски од скопското обвинителство. Од таму за Алфа велат дека се постапува по наводите, но пријавата е препратена и до Организиран криминал.
- „Основното јавно обвинителство Скопје ја прими кривичната пријава за која покажувате интерес на 30.05.2023 година и веднаш ја распореди кај надлежен јавен обвинител. Тој ја проучи пријавата по што на 15.06.2023 година донесе одлука со која дел од пријавата достави на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во останатиот дел од пријавата јавниот обвинител продолжи да постапува“ велат од ОЈО Скопје за Алфа.
Маневски доставува и факти и докази со пријавата на 27 страници, за според него, злоупотребите кои ги направиле премиерот Ковачевски, координаторот Груби, вицепремиерот Маричиќ, министерот Бочварски како и директор на државни патишта Рустеми. Тој ги товари дека го сториле кривично дело злоупотреба на службена должност по став 5 од членот 353 од Кривичниот законик, што значи посочените направиле голема материјална штета на буџетот на Република Македонија за што следува казна од најмалку 5 години затвор или максимални 20.
Викторија Миткова