Љубанци во агонија без вода две недели, надлежните и натаму глуви

Гласните и очајнички апели на жедните жители на Љубанци пред камерата на Алфа пред една недела не допреа до надлежните. Точно 15 дена среде пандемија, на пеколни температури селото нема капка вода. А како да живееме без вода и леб, ги прашаа јавно надлежните. Одговор не добија, исто како што не доби ниту Алфа. Надлежните си се прогласија за ненадлежни: Месната заедница, општина Бутел, па и ЈП Водовод и канализација. Жителите во очај две недели трчаат по институциите некој да им го реши проблемот.

  • Немаме 15 дена вода,значи не препраќаат од едно место на друго, ме праќа во месна заедница, прашувам телефонски, сите одговорни ги прашав, се јавив на сите, сите ми велат неможат тие проблемот да го решат. Ме праќаат во општина, од општина во Водовод, истата песна ми ја вртат. Незнам каде да наполнам вода, нема каде да наполнам, на раце треба да носам-вели жител на Љубанци.

Уште пред една недела побаравме одговор и во општината Бутел и во ЈП Водовод. Од општината експресно не упатија одговор да си бараме во Водовод оти тие биле ненадлежни. Водовод по една недела одговорија на нашите прашања, со оправдување дека изворот за водоснабдување во село Љубанци не бил изворот Рашче, туку посебни локални бунари. Издашноста на бунарите се намалувала во летните периоди што предизвикувало прекин на водоснабдувањето во одредени интервали во денот велат од Водовод.

Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, врз основа на своите ингеренции, во изминатиот период, излегоа на терен и направија проверка на цевководот од системот за водоснабдување во село Љубанци. При проверката беше потврдено дека нема дефекти на водоводната мрежа, а двата диви приклучоци кои беа откриени, веднаш беа отстранети-велат од Водовод.

Но жителите на Љубанци немаат прекин на водата само по неколку часа како што велат од Водовод, туку цели 15 дена. Проблемот останува, а тие не знаат уште колку долго можат да издржат без водоснабдување среде летната жега.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста