Лозарството пропаѓа, власта се расфрла со ветувања

Лозарството пропаѓа, власта се расфрла со ветувања

Исплаќање на субвенциите до крајот од тековната календарска година, како и заедничко планирање на производството, на критериумите и на откупните цени на грозјето, бараат тиквешките лозари пред стартот на годинашната производствена сезона. Велат, не се задоволни од досегашните политики на ресорното Министерство од кои трпат огромни штети и работат за бадијала.

  • Требаше да ги повика винариите и да им наложи за лозар-винарија предвреме да имаме обврзувачки договори, да направиме лозар – винарија и така ние да знаеме по која цена ќе биде грозјето, по која шеќерноста, која килажа ќе се откупи. Субвенциите треба да се исплаќаат во тековната година, до крајот на 12-ти месец. Не може оваа година да работиш, а субвенциите в година. Субвенции се даваат унапред“ – вели Дано Јошев, претседател на Здружението „Тиквеши лозаро-овоштари“ од Кавадарци.

Отсуството на адекватна национална стратегија и погрешните политики за оваа земјоделска гранка, се’ повеќе ги принудува лозарите да се откажуваат од лозарството. Според извесни статистики на ресорното Министерство и на Платежната агенција, површините под лозови насади намалени се дури за 750 хектари.

  • „Споредбено со 2017 и 2023 како податок, имаме над 1.400 лозари кои што веќе ги немаме во системите за аплицирање за субвенции, односно не се веќе на полињата, а оклу 750 хектари се намалени површините под лозов насад. Тоа е сериозна површина, сериозна бројка на земјоделци кои веќе не се занимаваат со земјоделство“, – истакна Цветан Трипуновски, дополнителен заменик-министер за земјоделие.

Наспроти сите овие показатели пак, деновиве, министерот Љупчо Николовски, со континуирани објави на социјалните мрежи тврди дека оваа година ќе била година на лозарите. „Покрај редовната поддршка од 12.000 денари авансна и 28.000 дополнителна субвенција, предвидуваме дополнителни 20.000 денари по хектар за лозарите што ќе извршат зелена резидба, поттикнувајќи го договорното производство, а и 9.600 денари зголемена поддршка за зелена нафта од 100%“, – пишува Николовски.    

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста